| четврток, 6 декември 2018 |

Почна академската година на Филмската академија во Охрид

Новоформираниот Институт за филм, Филмската академија во Охрид, официјално ја започна академската година. Тринаесет домашни и странски студенти, целосно стипендирани од страна на Владата на РМ, од вчера ја следат наставата на постдипломските студии на катедрите за сценаристика и драматургија и за креативна продукција.

Институтот е резултат на повеќегодишна соработка помеѓу Владата на Република Македонија, Владата на Чешката Република и ФАМУ,­ престижната филмска и телевизиска школа на Академијата за сценски уметности во Прага.

Студиските програми се тригодишни и се изведуваат на англиски јазик. Приспособени се специјално за оваа институција согласно со стандардите, принципите и со долгата традиција на ФАМУ во Прага, петтата најстара филмска школа во светот, која ја завршиле влијателни режисери и сценаристи, добитници на Оскар и лауреати на меѓународни филмски фестивали, како македонскиот професор, режисер, продуцент и сценарист Иво Трајков, режисерите и писатели Јиржи Менцел, Милан Кундера, Милош Форман, Емир Кустурица, Лордан Зафрановиќ и Вацлав Хавел. Наставниот кадар на Институтот за филм – Филмска академија Охрид покрај редовните, го сочинуваат и ­професори на посета од ФАМУ во Прага, што претставува исклучителна можност за постипломците да учат директно од најдобрите професори во оваа област.

Институтот за филм (www.filmacademyohrid.com) е јавна научна установа, која функционира како придружна членка на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top