| четврток, 6 декември 2018 |

Министерот Тодоров побарал да им се одземат лиценците за работа на пијаните анестезиолози

Министерот Никола Тодоров побарал од Лекарската комора да им ги одземе лиценците на двајцата пијани анестезиолози од гевгелиската болница, објави „Здравство24“. Од Комората потврдиле дека го добиле барањето што треба да помине низ филтерот на етичката комисија. Пред судската разрешница, лекарите можат само времено да останат без дозвола за работа.

todorov 2

Според Тодоров, одговорноста мора да се персонализира и тој што направил определено кривично дело, доколку се докаже, да биде казнет согласно со Законот. Досега нема пријави дали и во други здравствени установи медицинскиот персонал оди пијан на работа, но затоа според здравствените власти мора да има контроли во овој сегмент.

-Контроли генерално мора да се прават и од тоа не треба да се отстапи особено менаџерите кои не треба да дозволат и треба да се грижат вакви работи и вакви трагедии да не се случуваат – вели Никола Тодоров министер за здравство.

Двајцата анестезиолози уште пред една недела добија отказ од работа, кога и официјално се потврди дека едниот имал 1,75 а другиот 1,25 промили алкохол во крвта. Во пијана состојба биле во операционата сала кога починале родилката Маја Кадиева и нејзиното бебе. Обдукцијата треба да потврди дали смртта настапила поради лекарска грешка. Но тој резултат е во Обвинителствоото, кое сѐ уште ја води предистражната постапка со собирање на сите потребни материјали по што треба да соопштат дали ќе започнат обвинение.

-Сега го чекаме вториот сегмент, а тоа е Обвинителството, но како што веќе се изјаснив, ова не смее да остане неказнето – вели Тодоров.

Случајот во гевгелиската болница го обелодени сопругот на починатата родилка, кој побара одговорност од лекарите зошто починала неговата жена која во операционата сала влегла здрава и без никакви компликации во текот на бременоста.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top