| четврток, 6 декември 2018 |

Годинешното издание на „Скомрахи“ почнува со „Сината соба“

Програмата на „Скомрахи“ ќе ја надополни и богата офф-програма која вклучува музички бендови и изложби

Оваа година од 6 до 10 ноември на Факултетот за драмски уметности по 27. пат ќе се одржи манифестацијата „Скомрахи“. Во петдневната програма се вклучени девет академии од Балканот и од Западна Европа, кои ќе се претстават со девет театарски претстави, дванаесет филмски проекции и со три работилници.

skomrahi-2015

Програмата на „Скомрахи“ ќе ја надополни и богата оф-програма која вклучува музички бендови и изложби.

Свеченото отворање ќе се одржи во Драмскиот театар во петок, во 20 часот, со дипломската претстава ,,Сината соба“ на класата на проф. Златко Славенски.

Фестивалот „Скомрахи“ претставува интернационални студентски средби кои за првпат се одржани во 1988 година како потреба на студентите за комуникација за размена на искуства и на знаења со други академии и факултети. По распаѓањето на Југославија, идејата за средбите прераснува во идеја за собирање на студенти од цела Европа. Така, во изминатите години на оваа манифестација учествувале повеќе од 25 академии и факултети од: Белград, Нови Сад, Љубљана, Прага, Приштина, Тирана, Сараево, Цетиње, Киев, Лоѓ, Глазгов, Братислава, Грав, Ташкент, Вроцлав, Варшава, Истанбул, Амстердам, T’ргу Муреш, Загреб, Букурешт и Солун.

Освен размена на искуства и на знаења на студентите, целта на „Скомрахи“ е и афирмација на културата, афирмација на младите автори и изведувачи, остварување на лични контакти, како и соработка на проекти.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top