Мајката на 17-месечно момче од Бразил била во шок откако нејзиниот син влегол во куќата со крв на устата, носејќи во рацете отровна змија.
Момчето ја убило смртоносната змија така што ја гризнал во градина пред нивната куќа.
Жаин Фереира Фигуера кажала дека нејзиниот син Лоренцо бил многу тивок додека бил во дворот со нивното куче и дека тргнала да види што прави, кога тој влетал во собата.
Жаин и нејзиниот сопруг Лусијер веднаш го однеле момчето во болница и со себе ја зеле и мртвата змија во тегла. Стручњаците утврдиле дека се работи за исклучително отровна „јамичарка“ која живее во Бразил, Аргентина и Парагвај. Нејзиното каснување може да биде фатално доколку веднаш не се даде противотров, а симптомите вклучуваат силно крвавење и откажување на работата на бубрезите.
Лекарот што го прегледал Лоренцо, рекол дека веројатно на момчето му проработил инстинкт.
-Ја гризнал змијата блиску до главата и така ја спречил таа да го гризне него. Беше многу вознемирен. Мислам дека станува збор за одбранбен механизам – рекол лекарот Гилмар Картер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.