| четврток, 6 декември 2018 |

Промоција на книгата „Деград“ од бугарскиот писател Васил Георгиев во „Магор“

Во рамки на едицијата „Европски калеидоскоп“, издавачката куќа Магор ја објави збирката раскази Деград од бугарскиот писател Васил Георгиев. Преводот од бугарски е на Душко Крстевски.

Промоцијата на книгата, на која ќе биде присутен и авторот, ќе се одржи во среда (4 ноември) во кафе-книжарницата Магор со почеток во 20.30 ч. Промотори на книгата ќе бидат Ермис Лафазановски и Владимир Мартиновски.

Васил Георгиев влегува во кругот на најинтересните автори на кратки раскази во последниве дваесет години, „мудрец меѓу бугарските писатели“, а неговите книги се важен чекор во развитокот на бугарскиот краток расказ. Темите во расказите се разновидни, варираат од длабок андерграунд до политичка социјална проза, а според расположението, од романтичен реализам до брутален постмодерен експеримент, со изненадувачки и апсурдни сижеа и пресврти.

Расказите на Георгиев тргнуваат од една препознатлива реалност за да најдат некоја нејзина необична перспектива преку која или целосно ја распрснуваат или излегуваат од неа. Потрагата по скриените аспекти на секојдневниот живот е една од клучните опсесии на авторот. Георгиев ја комбинира реалноста и фикцијата, препознатливи типични ликови се среќаваат со откачени ексцентрици. Често атмосферата е клучот за расказот, некој вид мека меланхолија што функционира како четврта димензија. Хуморот е непосреден и директен, но не површен, туку најчесто интелектуален. Расказите се одредени со силен урбан сензибилитет, писателот го гледа градот како место за средба каде што се случуваат парадоксите на постоењето.

Korica_DEGRAD

Објавувањето на збирката раскази Деград (2011) се вбројува меѓу најважните литературни настани во 2011 година во Бугарија и ја добива наградата „Хеликон“.

Васил Георгиев е роден во 1975 година во Софија, каде што и денес живее. Завршува право на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“, а во 2008 година ја брани докторската дисертација по право на Европската унија. Работи како адвокат по трговско право и како универзитетски професор по правни науки.

Почнува да пишува раскази на 28 години. Во 2008 година излегува неговата дебитанска збирка – Будистичка плажа. Книгата е многу добро прифатена од литературната критика и станува еден од фаворитите за добивање на наградата „Хеликон“ за современа бугарска литература, една од двете најпрестижни литературни награди во Бугарија.

Преводи на расказите од Георгиев се објавени на германски, чешки и полски јазик. Книгата е објавена со финансиска поддршка на програмата Култура на Европската унија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top