По сите успеси, бронзата од Универзијадата во 2011 година и настапите на европските и на светските првенства, македонските ватерполисти, едноставно, се загубија. Нема акција, нема потреба од комуникација со јавноста или е во прашање нешто друго. „Република“ го праша долгогодишниот капитен, потоа и помошник и селектор каде е нашето ватерполо во моментов.
Поповски, постои ли воопшто македонска репрезентација во ватерполо во моментов?
Поповски: Во воведот мошне добро ја дефиниравте моментната состојба во македонското ватерполо. По успехот на Универзијадата во Шенжен во 2011 година и освојувањето на првиот медал на големите светски натпреварувања во екипен репрезентативен спорт и по, за жал, пропуштената шанса за пласман на Олимписките игри во Лондон, нашето ватерполо западна во една тивка криза. Секако дека репрезентација постои, но би рекол дека ентузијазмот, кој беше главна движечката сила, во моментов не постои во таква мера.
Ќе ја има ли репрезентација некогаш силата што ја имавме не толку одамна?
Поповски: Силата во моментов е, можеби, и на повисоко ниво ако се следат нашите репрезентативци и нивните настапи во матичните клубови. Во моментов повеќето се во врвна форма и, можеби, ги играат и најдобрите игри во својата кариера.
Ни се одмаздува ли брзината со која станавме почитуван тим во светски рамки, па сега со иста молскавична брзина се распаднавме?
Поповски: Пред сѐ, не би рекол дека молскавично се искачивме на светскиот подиум, но уште помалку сметам дека молскавично нѐ снемува поради погрешна процена или погрешна стратегија. Нашиот план покажа колку се реални и возможни остварувањато на мечтите само доколку нешто се сака и се верува во успехот.
Се одржуваат ли контакти со нашите државјани што дојдоа до пасош за создавање силна репрезентација во ватерполо?
Поповски: Секако, да не претерам, со повеќето од нив сме во комуникација речиси и на дневна основа, тоа е особено лесно денес, кога постојат социјалните мрежи.
Колку од нив би се одѕвале на повик во моментов?
Поповски: Мислам дека сите тие што се чувствуваат подготвени или доколку немаат некакви клупски или лични обврски во периодот на активности за репрезентација неодложно ќе одговорат на репрезентативните обврски. Во моментов, дури повеќето и се интересираат за претстојните натпреварувања и кога ќе биде наредниот репрезентативен собир. Во прилог на ова би го посочил и интервјуто на нашиот центар Даниел Бениќ во кое има многу убав осврт за Македонија и за македонското ватерполо.
Го поддржувавте ли вие овој проект, кога тој почнуваше таму некаде пред шест-седум години?
Поповски: Не само што го поддржував, туку заедно со Пулејковски (Стефан ген. секретар, з.а) бевме креатори на овој проект, а јас како тогаш сѐ уште активен играч, сум и директен учесник и носител на сите збиднувања што почнаа во Одензе, во Данска и за пласманот на Европското Б-првенство во Манчестер. Би сакал да ги потсетам читателите дека во тој состав од, не толку далечната 2007 година, кој е носителот и најодговорниот за овој подвиг, беа освен мене и Сашо Спировски, Боби Кузмановски, Томи Стефановски, Раде Кочовски, Шемсудин Сулјакович, Влатко Ристовски, Александар Поповски, Ненад Ивановски, Ермин Личина.
Како последица или, можеби, добивка, што остана од тоа што ватерполото поради резултатите овде во еден период стана речиси национален спорт?
Поповски: На ова прашање, за жал, ќе мора да одговорам со доза на разочарување бидејќи состојбата во која западнавме, а се должи на немање континуирани услови за работа, односно базени, и непостоење услови за развивање врвен спорт, лесно може да се случи брзо да тонеме по големите достигнувања и успеси. Место да продолжиме натаму и да се подготвуваме за смена на генерациите и да правиме планови за следните Олимписки игри, да ни останат само спомени на едни убави времиња.
Колку клубови егзистираат во моментов во Македонија?
Поповски: За жал, егзистира само еден сериозен клуб, а тоа е Работнички. И тој нема услови за работа, западна во финансиски проблеми и недоволен играчки потенцијал. Секако, постојат уште неколку клубови како Орки и Орион, кои работат на Олимпискиот базен, и новоформираниот пливачки и ватерполо-клуб Бета, кој функционира на базенот „Младост“, односно „Борис Трајковски“, но, за жал, овие клубови сѐ уште работат само со помлади категории и сѐ уште не покажуваат амбиции. Најверојатно поради финансиските импликации не се решаваат за посериозно развивање на сениорски екипи како предуслов за организирање на наша македонска лига.
Има ли школи за деца, за најмлада возраст?
Поповски: Школи има, но, за жал, повторно ќе истакнам дека нема услови. На базенот „Борис Трајковски“ функционира само матичниот клуб Бета, но од информациите што ги имам има тешкотии со распределба на најбараните термини за млади пливачи и ватерполисти. На Олимпискиот базен има тренинзи и со години тој функционира периодично, односно само во тој период кога временските услови не се екстремно студени, додека во есенскиот и во зимскиот период поради високите цени на енергентите водата е со намалена температура, а гардеробите не се загреани, што е поразително за најмалите и затоа најголемиот број веднаш си заминува. Уште е пострашно во текот на зимата кога големиот базен не работи и тренинзите се одвиваат само во малиот базен.
Подзапреа и амбициите на Работнички кој две сезони се обиде и во Српската лига?
Поповски: Настапот на Работнички во изминативе години, пред сѐ, беше многу скап. Но, сепак, тоа не беше главната причина за откажувањето на Работнички оваа година во таа лига. Повеќе би ја посочил големата пауза што ја направија повеќето играчи. Носителите на играта се веќе студенти на прва, втора или на трета година, и во периодот на испитните сесии повеќе беа посветени на обврските на студиите што создаде предолга пауза од четири или пет месеци во текот на летниот период. Дел од нив се определија и да не продолжат со професионално ангажирање во ватерполото.
„Нашето ватерполо западна во една тивка криза, секако дека репрезентација постои и се подготвува за Медитеранските игри и Универзијадата”
Што е со талентите што имаа можност да учат од големи европски ѕвезди. Растат ли тие според планот?
Поповски: Талентите се појавуваат и ги имаме. За пример, минатата сезона Димитар Димовски беше повикан да игра во Турција, но поради обврски на факултетот, трансферот не се реализираше во целост. Игор Милановиќ во текот на летото играше во Малта. Сето ова покажува дека Македонија повторно може да понуди интернационалци како што бев јас пред две децении (нашиот соговорник со години играше во странство з.а ).
Колку државата може да спасува. Колку е реално да има нови и сериозни инвестиции во спорт од типот на ватерполото?
Поповски: Државата треба и мора да спасува. Ние како индивидуалци и ентузијасти ги поставивме основите и покажавме дека кога нешто се сака се може, но без да се вклучат институциите на државата понатаму е неможно да се оди. Помошта не ја гледам во директни парични средства, освен, се разбира, за настапи на државната репрезентација, а тоа, без исклучок, мора да биде целосно покриено од државните институции бидејќи на овие настапи ја претставуваме нашата држава. Па тоа е исто како што во Брисел испраќаме амбасадор или дипломати. Тие не одат на сопствен трошок. Мислам дека на овој план нешто треба итно да се менува, а кога велам итно тоа претпоставува дека во спротивно може да биде доцна за повеќе спортови.
Поповски, што предлагате конкретно за вашиот спорт, но и општо бидејќи вие сте член на советот за спорт при АМС?
Поповски: Помошта ја гледам во обезбедување услови за работа, односно да не се напушти идејата за изградба на нови базени, односно да се реализира. Секако, ова, можеби, и нема да има целосен ефект ако пливањето, како еден од основните спортови не стане задолжителен во образовниот систем и тоа од најрана возраст, односно од предучилишна возраст, и. Секако. во основните училишта. Ова е возраст кога децата треба да почнат да спортуваат и возраст во која се врши спортско насочување и селекција. Во таа смисла, дури би предложил и проширување на фондот на часови по спорт, воведување на сите спортови по училиштата, подигање на квалитетот на наставниот кадар и задолжително полагање одредени спортови како предуслов за продолжување на школувањето. Само на овој начин ќе имаме здрава популација и здрави деца и, секако, потенцијал за развој на врвни спортисти, па ако сакате и поширок фонд за создавање селекции во ватерполо.
Разговараше: Перо Момировски
Фото: Игор Ангеловски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.