| четврток, 6 декември 2018 |

Шенбурн, Хофбург и светото копје

Виена, Виена, ти си права сјена,

кремвишлата е пет евра,

тоа ти е европска мера.

Ла ла ла

Без лутење, браќа интелектуалци, ама Виена, која е преплавена со печалбари од Србија, Босна и Херцеговина, веројатно и од Хрватска и од другите делови од поранешна Југославија, веднаш во човека го буди турбофолкерскиот израз и поглед на свет.

Голем дел од возачите на автобуси зборуваат српски, тинејџерки во „Старбакс“, исто така,  и мноштво народ кој го зборува овој јазик се растурил низ улиците преполни со споменици и згради градени од Марија Терезија и нејзините собраќа Хабсбурзи, кои до крајот на Големата војна во 1918 година ја владеаја империјата, чијашто престолнина беше Виена. Како полкот на Вук Исаковиќ од „ Преселбите“ на Црњански да добил колективно отсуство и сите војници се решиле да си купат сладолед од пред катедралата на свети Стефан и отпуската да си ја истрошат за шетање низ Штефан плац…

viena1

Ова беше мое трето одење во Виена. Или со оглед на тоа што второто одење се состоеше од тоа што автобусот, на враќање од Киев, во едно августовско утро во седум часот на утро не истовари во дворецот Шенбрун, кој набрзина го разгледавме од надвор, па назад в бус и фаќање патот за жална Македонија, реалната математика би била дека во Виена имам одено два и пол пати.

Шенбрун е триумф на човековата потреба за луксуз, спомен за моќта на една пропадната династија и двор во кој што се сунчаат цицлести мермерни сфинги со средени фризури. Ова веројатно го прави вреден за вклопување во листата на УНЕСКО за светско наследство и атрактивна туристичка дестинација. Тревниците се доволно големи за во нив да тренира фудбалска репрезентација. Инаку, Шенбрун е едно од омилените места за џогирање на виенчаните, и кога прв пат бев во Виена во февруари 2002, со свои очи видов дека низ Шенбурн на сред зима се џогира во лежерен летен дрес.

viena3

Во суштина дворецот е историја на Хабсбуршката монархија. Тука е мебелот кој што го користеле разните Франц Јозефи , портрети на припадниците на оваа кралска куќа, нивните сервиси за ручавање…   Последниот Хабсбург, Карл Први од Австрија, по прогласувањето на Австрија за република, и распаѓањето на Австро – Унгарската империја имал извесни шанси да задржи дел од својот имот. Кај австриските политички лидери постоела волја за таков договор. Но Карл Први воден од лошите совети на својата сопруга Зита , која што кај него ја поттикнувала лажната надеж дека монархијата ќе опстане, изгубил буквално се, и умрел во голема беда на архипелагот Мадеира.

Она што денес го поимаме како Шенбрун воглавно им го должиме на градителскиот ентузијазам на императорот Леоплод Први, и на распрдената Марија Терезија ( 1745 – 1765). Таа палатата ја користела како летна резиденција, и при преселбата со себе влечкала послуга и персонал од илјада и петстотини луѓе.

 

***

Со другарчето М. С. се разделуваме, не од кавга, тука затоа што тој сака уште да се восхитува на барокот на австриската престолнина, а јас би одел во   Kaiserliche Schatzkammer, или по наши Империјална / Царска ризница. Музејот се наоѓа во комплексот на значајни културно – државни институции викан Хофбург палатата. Во него се наоѓаат Природно – научниот музеј, Бург – театарот, официјалната резиденција на претседателот на Австрија… Како што реков погоре, Шенбрун бил летна, а Хофбург зимска резиденција на австриските императори.

viena2

Малку се загубив во споредните улички на центарот на Виена, ама не сакам никого да прашам за мојата дестинација, за лунѕањето да биде поинтересно.  Пет – шест минутно лутање и пред мене се отвора раскошна слика на коњски кочии, кои може за мрсни пари да ве прошетаат низ центарот на Виена. Знам тоа е Хофбург, го чувствувам мирисот на лепешки кој зрачи од собиралиштето на пајтонџиите, на капијата го гледам кипот на млечно белиот Херкул што и ја толчи главата на клетата хидра…

Десет евра за влез во музејот. Музејот е слабо осветлен, доволно само за да можете да се движите низ него. Полу – мракот ги обвива стаклените витрини во кои се наредени кралските круни, сабјите и ројалистички наметки. Набрзина ги одминувам артефактите, забрзано скитам низ оваа современа катакомба, само со еден цел: Да го видам копјето на Лонгин! Копјето со кое што римскиот центурион Лонгин му задал рана на спасителот Исус Христос додека бил измачуван на крстот.

Денес е Велика Сабота, и во моментот таму некаде во едно изгубено градче на Балканите, можеби некој тринаесет годишник за прв пат се подготвува сам „ со друштво“ да оди во „ Свети Димитрија“ за да ја слушне радосната вест за скромниот учител кој на сите луѓе им дари вечен живот и со смртта смртта ја победи…

Не сум воопшто разочаран од тоа што кога стигнав дома, на Википедија прочитав дека во светот постојат три – четири цркви кои со целосна одговорност тврдат дека го поседуваат копјето на Лонгин. Верувам дека јас го видов вистинското.

***

Имам уште три – четири саати да изгубам и да го проскитам центарот на градот. Полн е со туристи кои чкрапаат со своите таблети, пијачи на кафе, питачи… Саат пред да не собере автобусот од шведскиот плоштад, ме заврна, па со двајца инстант – пријатели од мојата туристичка тура, инаку дечко и девојка се прибравме во најблискиот Старбакс.

Наместо чекирање на Фејсбук, за „Република“ го напишав овој текст.

Константин Петровски

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top