| четврток, 6 декември 2018 |

Ристо Василевски добитник на наградата „Никита Станеску“

Risto_Vasilevski_poet_201348112725

Меѓународната награда „Никита Станеску“ за поетски опус и за афирмација на творештвото на големиот романски поет на други јазици му е врачена на истакнатиот поет и академик Ристо Василевски, на кого му се доделени и сребрен медал и сребрена плакета со ликот на Станеску.

Наградата на Василевски му е врачена на свеченост во рамки на манифестациите со промоции на книги, симпозиуми, изложби кои се одржаа во Букурешт и во Плоешти, во Романија, по повод  80-годишнината од раѓањето на големиот романски поет, носител на Златниот венец на Струшките вечери на поезија, Никита Станеску, 30-годишнината од неговата смрт и  25-годишнината на Меѓународниот фестивал на поезија што го носи неговото име.

Од романските писатели ова големо признание им е доделено на академикот Еуген Симион и на истакнатиот романски поет Хорија Бадеску.

Досега на романски јазик се објавени пет поетски книги на Василевски, за кои мошне високи оценки искажале повеќе истакнати романски книжевни критичари и есеисти, меѓу кои се Еуген Урикару, Лилијана Урсу, Разван Вонку, Гина Молдовеану, Корина Мороиану, Маријана Штефанеску и др. Исто така, Василевски е добитник на уште три други значајни романски награди – на Европската награда за поезија што ја доделува меѓународната ревија „Балкан и Европа“ од Букурешт, на наградата „Балканика“ на Меѓународниот фестивал на поезија во Браила и на Повелбата за поетска исклучителност на Меѓународниот фестивал на поезија во Карансебеш.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top