| четврток, 6 декември 2018 |

Ако го забележите ова на тестисите веднаш појдете кај доктор

Како што секоја жена треба да прави самопреглед на градите барем еднаш месечно, истото важи и за машката популација. За навремено откривање на ракот на тестиси и негово лекување, како и други болести поврзани со репродуктивниот систем, многу е важно мажите да се едуцираат уште во пубертет како се прави самопреглед на тестиси и колку е тој значаен за нивното здравје.

Testisi1-620x350

Тестисите претставуваат дел од машкиот репродуктивен систем, имаат јајцевидна форма, а се сместени во кожна кесичка наречена скротум која ги држи и заштитува. Лоцирани се зад пенисот, а нивните главни функции се продукција на машки полови хормони (тестостерон) и создавање и складирање на сперматозоиди.

Туморот на тестиси најчесто се јавува кај мажите на возраст од 15 до 35 години. Во 95% од случаите, туморите на тестиси се малигни. Како и секој вид на канцер така и овој, не пројавува знаци на почетокот, но подоцна најчесто се забележува зголемување на тестисот во отсуство на болка, а поретко заболениот тестис може да има нормална големина. При палпитација истиот е потврд или во него може да се напипа тврд јазол (чвор). Доколку се забележи било каква промена треба да се отиде на уролог и да се направат дополнителни испитувања. Овие промени, исто така, може да ги открие и партнерката, за време на сексуалниот однос.

Penis001

Наједноставна и најефикасна метода за навремено откривање на било какви промени на тестисите и кожата околу тестисите, е самопрегледот. Тој се прави еднаш месечно почнувајќи од раната пубертетска возраст, кога половите органи почнуваат да бидат активни. Најдобро е да се прави после бањање со топла вода, кога кожата на скротумот е мека и опуштена. Истиот се одвива во 4 чекори и не ви се потребни никакви инструменти или средства за тоа, туку само неколку минути:

  1. Застанете пред огледало, заземете удобна положба и набљудувајте ги тестисите. Обидете се да забележите дали постојат неправилности односно нерамномерности во положбата на двата тестиси. При тоа, знајте дека е сосема нормално едниот тестис да е малку поголем од другиот (најчесто левиот) или да е малку пониско поставен, но оваа разлика не смее да биде драстична.
  2. Со палецот и показалецот нежно поминете по површината на тестисите и проверете дали постои разлика во големината и тежината. Површината на допир треба да биде мазна, без нерамнини и грутки или отоци. Доколку забележите грутки, чворчиња или отоци веднаш да се консултирате со доктор (грутките понекогаш може да имаат големина на зрно ориз и да бидат поприлично тврди).
  3. Потоа најдете го епидидимисот (семеникот) на самиот тестис кој има форма на мала мека цевка, а се наоѓа зад секој тестис. Бидејќи претставува доста сензитивен предел, не се вознемирувајте доколку почувствувате блага болка или непријатност при самопрегледот. Откако ќе го прегледате едниот тестис, на ист начин го проверувате и другиот.
  4. На крај, проверете ја кожата која ги обвива тестисите, дали постојат некои израстоци или промена на бојата.

Нека ви стане навика, барем еднаш месечно да ги проверувате тестисите. Со ова навремено ќе се открие канцерот или било кое друго заболување, па шансите за целосно излекување се далеку поголеми.

testisi002

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top