Дали може да се изведе заклучок дека здравството тоне, во услови кога Македонија е рангирана на 16-то место во Европа, пред сите земји во регионот? Овој извештај е презентиран во Брисел и е еден од најрелевантните извештаи за состојбата на здравството во европските земји. На база на што се извлекува овој заклучок? На база на анкети, на лично искуство или на база на желба за политички напад по секоја цена? Онака, колку да се каже, колку да се вети, колку да се дограбат до власт. Од алчност, или од интерес- се наведува во реакцијата од Министерството за здравство.
Колку пари чинеше лекот Клопидогрел пред да се воведе методологијата за единствени цени на лековите?
Овој лек од 1419 денари (големопродажна цена) сега чини 490 денари. Лекот амлодипин, еден од најчесто употребуваните лекови, од 130 денари, со најновото намалување на цените на лековите ќе чини 46 денари. Што станува со појаките антибиотици како таблетите Трицеф? Цената на овие таблети од 1260 денари со најновото намалување изнесува 540 денари.
Каде завршуваа овие пари? Во чиј џеб? Дали тие го финансираат или имаат интерес Заев како лидер на опозиција да не ја говори вистината и да обвинува без основ?
Дополнително, дали во Македонија имаше државна кардиохирургија? Дали сите претходни министри ја ветувале, вклучително и сите министри од СДСМ? Дали имаше детска кардиохирургија во Македонија? За волја на вистината, детска кардиохирургија не ни планирале да направат. Дали СДСМ инвестираше над 100 милиони евра за реконструкција на јавни здравствени установи и исто толку за набавка на нова најсовремена медицинска опрема?
-Дали за вас е недостаток на опрема фактот што 55 проценти од сите апарати што во моментот се користат во јавните здравствени установи низ државата се набавени во периодот од 2010 – 2015 година- пишува во реакцијата од Министерството за здравство. Денес има вкупно 12 апарати за компјутерска томографија, а дополнителни 4 апарати, наменети за Клиниката за неврологија, Клиника за детски болести, Специјална болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо” и поликлиника Јане Сандански, се веќе набавени и во тек е испорака. Набавивме 70 нови амбулантни возила за службите за Итна медицинска помош низ државата, што претставува сериозно зајакнување на овие служби кои претходно функционирале со вкупно 106 возила- се додава во соопштението.
Веќе се набавени 6 нови дигитални мамографи наменети за Хируршката клиника „Св.Наум Охридски”, Штип, Куманово, Прилеп, Кочани и Велес, а дополнително отпочнавме постапка за набавка на нови мамографи за општите болници во Гевгелија, Радовиш, Кавадарци и Македонска Каменица.
Граѓаните не плаќаат сè повеќе во земјата, туку граѓаните сега добиваат во јавно здравство услуги какви што порано биле достапни само во приватно здравство. Граѓаните денес имаат Универзитетска клиника за државна кардиохирургија, детска кардиохирургија, спинална хирургија. За првпат после повеќе неуспешни обиди во изминатите 50-ина години, во Република Македонија функционира Клиника за државна кардиохирургија, инвестиција вредна 140 милиони денари. Со отворањето на оваа клиника, како и со ширењето на мрежата на интервентна кардиологија низ државата овозможивме навремено добивање на овие здравствени услуги, кои многу често значат спасување човечки животи.
Да не го спомнуваме лекувањето во странство, кое во времето на СДСМ значеше 20 проценти од цената на чинење на интервенцијата. Сега граѓаните на кои им е потребно плаќаат максимум 200 евра за лекување во странство.
Со Законот за здравствено осигурување, од партиципација за здравствени услуги се ослободени деца со посебни потреби, корисници на постојана парична помош, лица сместени во установи за социјална заштита или друго семејство, душевно болни лица сместени во психијатриска болница и ментално ретардирани лица без родителска грижа. Дополнително, при користење на болничко лекување, од партиципација за истото се ослободени пензионери со пензија пониска од просечната.
Дали за вас е недостаток на кадар фактот што овозможивме над 2000 нови вработувања во јавните здравствени установи, а дополнително ќе се трансформира работниот однос на над 2000 волонтери кои биле ангажирани во јавното здравство. Ова е историски најсилно зајакнување на човечките потенцијали во здравството.
СДСМ никогаш не ни размислувал за стручна доедукација и усовршување на македонските доктори во странски медицински центри, или пак ангажирање странски доктори во Република Македонија. Од друга страна, ние овозможивме едукација во реномирани медицински центрина речиси 2000 здравствени работници, за првпат во историјата на македонскиот здравствен систем овозможивме специјализации на македонски доктори во странство, и тоа во Германија, Словенија, Хрватска, Србија.
Паралелно, досега ангажиравме над 160 доктори-специјалисти од различни медицински области од САД да работат „рамо до рамо“ со македонските доктори.
Ги зголемивме платите на сите доктори-специјалисти од универзитетските клиники, клинички болници и општи болници за речиси 25 проценти, два пати по 9,6 и дополнително 4 проценти од зголемувањето на платите на јавна администрација.
Комплетно ја реконструиравме болницата во Охрид, отворивме целосно нов современ објект за Клиниката за гинекологија во Скопје, овозможивмекомплетна реконструкција на поликлиника Букурешт во Скопје, најсовремен Дијагностичко-ургентен центар во Тетово, нов објект за Институтот за белодробни заболувања кај децата во Козле, според врвните светски стандарди. Во завршна фаза е изградбата на ПЕТ-Центарот кој ќе биде прв од ваков тип во јавното здравство во регионот, а до крајот на годината ќе отпочнат градежните работи за уште еден сериозен инвестициски циклус кој опфаќа нов Ургентен центар во Куманово, реконструкција на болниците во Прилеп и Битола, Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо”, Клиниката по хируршки болести „Св.Наум Охридски” – Скопје.
Македонија воопшто не се наоѓа на последно место во Европа, туку се наоѓа на високото 16-то место од вкупно 36 рангирани земји според рангирањето на европскиот здравствен потрошувачки индекс, кое се смета за најрелевантен показател за функционирањето на здравствените системи во Европа. Впрочем, фактот што на презентацијата на резултатите од рангирањето присуствува и еврокомесарот за здравство, доволно говори за кредибилитетот и релевантноста на ова рангирање за Европската унија.
-Со која доблест СДСМ зборува за платформи кога во 2005 година за здравство биле одвоени само 606.715.000 денари, а за 2016 година буџетот за здравство е 10 пати поголем и изнесува 6.496.989.000 денари- е прашањето во реакцијата од Министерството за здравство, од каде додаваат „Граѓаните препознаваат кој работи посветено и во нивен интерес, а кој само зборува“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.