| четврток, 6 декември 2018 |

Вработени во „Мекдоналдс“ во Лион со сендвичи сервирале и дрога

мек

Повеќе клиенти на ресторан на „Мекдоналдс“ во едно северно предградие на Лион, покрај сендвичи, во објектот можеле да се снабдат и со канабис, јави дописникот на МИА од Париз.

Како што објави регионалниот весник „Прогрес“, неколкумина вработени во ресторанот на „Мекдоналдс“ во лионското предградие Гене, го претвориле локалот во место за конзумирање алкохол, трговија со дрога и коцкање.

Дирекцијата на овој синџир на ресторани за брза храна, уште во октомври 2014 година била предупредена за овие „необични случувања“ во нејзиниот локал и по спроведената истрага во март годинава од работа отпуштила осуммина вработени, кои биле вмешани во недозволените активности.

Според весникот, се започнало уште во 2013 година кога по затворањето на ресторанот во Гене, кое важи за едно од помирните предградија на Лион, во објектот се организирале забави со конзумирање дрога и алкохол.

Со пристигнувањето на двајца нови менаџери во декември 2013 година, ресторанот „ја проширил дејноста“, па започнале да се организираат и вечери за играње покер.

Алкохолот бил криен во ладилниците на ресторанот, а клиентите почнале да забележуваат и дека не се почитуваат мерките за хигиена.

Повеќе пати во текот на 2014 некои од вработените забележале дека некои клинетите бараат да бидат „послужени“ само од двајца нивни колеги. Истрагата утврдила дека всушност покрај сендвичите, тие од нив купувале и дрога, најчесто канабис. Дрогата се наоѓала во личните плакари на вработените.

Некои вработени за ова ја известиле дирекцијата на ресторанот, која по истрагата отпуштила осум вработени, но за ваквите случувања не ја известила полицијата.

Според весникот „Прогрес“, двајца од вработените „доушници“, кои ја известиле дирекцијата за илегалниот бзинис, сега се на боледување, бидејќи биле изложени на закани од отпуштените колеги.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top