Повеќе од 7 години трае драмата околу разводот на Димитри Риболовев и неговата веќе поранешна сопруга Елена. Пред неколку дена двајцата ги информираа медиумите дека постигнале договор за конечната сума што Елена треба да ја добие од рускиот милијардер.
Еве ја целата историја на двојката, завршена со тужба за развод, кој уште одамна медиумите во светот ја опишаа како најскапиот развод во историјата.
Елена и Димитри се запознале уште на првиот ден од студиите на Универзитетот во Перм, Русија. Се венчаат на Кипар пред 23 години, многу пред тој да се збогати. Според најновото рангирање на списанието „Форбс“, Риболовев е 165. човек според богатството во светот и 14. во рангирањето на богаташите во Русија.
Неговото богатство се проценува на 8,5 милијарди долари. Неговата сопруга Елена е до него за време на неговиот подем, дури двајцата заедно го преживуваат периодот во кој Димитри во 1996 година, 11 месеци лежи во затвор, поради обвинение за убиство на свој конкурент. Во тоа време таа се преселува да живее во Швајцарија, а Димитри е пуштен по помалку од една година поради повлекување на обвиненијата. Заканите за неговиот живот, сепак му наметнуваат да носи панцир во следните неколку месеци.
Во 2008 година, Елена поднесува барање за развод, а како главен аргумент се неговите многубројни изневерувања. Госпоѓата Риболовлева вели дека веќе не може да ги издржи неговите изневерувања, додавајќи дека нејзиниот сопруг е познат по забавите на јахти, каде заедно со неговите пријатели и други олигарси се насладуваат на по млади жени.
Борбата во судот започнува откако Елена одбива да склучи договор со Димитри за околу 1 милијарда долари. Така во мај минатата година швајцарски суд и пресуди 4,5 милијарди долари. По жалба од страна на адвокатите на сопругот, износот се намалува до 603 милиони долари.
Во тоа време Елена го обвини Димитри дека префрла средства на сметки во странство и дека купува стан за 95 милиони долари во Палм Бич, пентхаус во Централ Парк во Њујорк за 88 милиони долари и остров во Грција за 150 милиони долари.
Адвокатите на двајцата не информираат кој е износот за кој се ракувала двојката.
Пред неколку дена, друг руски милијардер, Владимир Потанин, понудил по 250.000 долари месечна издршка на неговата сопруга Наталија, како и имот во Москва, Лондон и Њујорк. Наталија сепак инсистира на половина од неговиот имот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.