В недела во рамките од третото коло од Лигата на шампионите женскиот ракометен шампион на Македонија ЖРК Вардар на домашен терен во СЦ „Јане Сандански“ игра против данскиот шампион и стар познајник од завршниот турнир пред две години, Митјиланд.
Вардарките се максимално подготовени и концетрирани го чекаат натпреварот и посакуваат победа со добра игра, која ја прикажаа на натпреварот против Хипо во Виена.
Во првото коло поразот од Ѓер треба да биде минато и да се насочиме кон продолжување на сезоната и нови успеси. Тренерот на тимот Индира Кастратовиќ ветува максимална борбеност, а акцент се става на одбраната што треба да го реши победникот.
– По натпреварот со Ѓер имавме психолошки проблем по поразот бидејќи ни беше прв официјален натпревар оваа сезона, за разлика од противникот, кој веќе имаше одиграно повеќе од 10 натпревари. Сето тоа брзо се заврши и со квалитна игра успеавме да славиме висока победа во Виена против Хипо. Што се однесува до Митлијанд, знаеме дека на хартија се ослабени поради отсуството на главниот плејмејкер Нике Грот, која сега настапува за екипата на Ѓер. Сепак данскиот ракомет е добро познат по тоа што веднаш и без никакви турбуленции имаат неколку ракометарки кои можеби и подобро ќе се снајдат во тимот како замена за Грот. Скандинавскиот ракомет ни е добро познат и на нив воопшто не им пречи дали играат на гости или дома, а тоа се докажа и со победа над фаворитот во групата Ѓер кој го победија во Унгарија. Анализиравме и се подтогвувавме да не нѐ изненадат со ништо. Најважно е што сите ракометарки се здрави. Полека се приближува денот кога се надевам дека ќе победиме, нема да биде лесно, но очекуваме победа – изјави Индира Кастратовиќ
Новиот играч во составот на Вардар оваа сезона е српската репрезентативка Сања Дамњановиќ, која полека се вклопува во тимот и сè уште може да напредува и да покаже врвни партии.
– По натпреварот со Ѓер се чувствуваме многу лошо. Сите знаевме дека одигравме многу слаб натпревар, кој не прилега на тимот и на нашите аспирации за оваа сезона. Против Хипо се вративме во форма, и ни се крена самодовербата, и затоа подготвени го дочекуваме натпреварот со Митјиланд. Во недела не очечувам дека веднаш ќе одиграме со 100 проценти од можностите, но ветувам дека ќе дадеме се од себе за да победиме. Ним нема да им се допаѓа погруба игра и затоа ние со нашата одбрана треба да го добиеме натпреварот, одбраната е таа која што ќе надмине сѐ. Ги анализиравме, знаеме дека играат брзо, треба да се враќаме назад и да ги запираме контрите- додаде Дамњановиќ.
Натпреварот се игра в недела во СЦ „Јане Сандански“ со почеток од 15.15 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.