| четврток, 6 декември 2018 |

Судот бранејќи ја честа на Заев му ги поништи бомбите

Прво вистината, после прес-конференции

Политичар не може да изнесува партиски и лични ставови претставувајќи ги како непобитни вистини за вмешаност во некаков корпуциски скандал на друг политичар повикувајќи се на снимка чија автентичност не е утврдена или додека додека не ги сочека официјалните органи да ги утврдат фактите изнесени во снимката.

Во спротивно, тој ги нарушува честа и угледот на политичарот за кој коментира, односно дава изјава „само во насока на собирање политички поени, но на сметка на рушење на угледот на противникот“.

Ова е заклучокот што може да се извлече од пресуда донесена на почетокот од месецов од судијата Лидија Аризанова во Основниот суд Струмица, пренесува „Дневник“. Иако личи на пресуда што била донесена по повод тужба од владин функционер на ВМРО-ДПМНЕ против лидерот на СДСМ Зоран Заев за 38-те објави на снимки од незаконско прислушување, всушност, се работи за обратна ситуација – Заев си ги брани честа и угледот од снимката објавена на „ Јутјуб“ со струмичкиот градоначалник за што се води кривична постапка за сомневање за барање поткуп. Имено, се работи за пресуда по тужба на Заев против Сашо Миленковски, претседател на струмичката организација на ГРОМ на Стевчо Јакимовски, кој повикувајќи се на снимката од „Јутјуб“ обвинува за корупција на Заев. Миленковски од Судот е задолжен да му плати на лидерот на СДСМ отштета за нарушен углед и чест од 300.000 денари затоа што врз основа на снимката, иако не е докажана нејзината автентичност, ниту фактите од неа се утврдени од надлежни државни органи, за Заев кажал „тој е на чело на урбаната мафија во Струмица“, „го оштетувал општинскиот буџет и тоа како што самиот тврди во повеќе наврати, намалувајќи ја цената на државното земјиште дури шест пати, односно за 438 денари на се на се на 71 денар по квадратен метар, се разбира за оние што се подготвени лично нему во кеш да му дадат мито“… „Господине Заев, дали по едно евро барате и за Вас и за црквата, за да си ја исперете совеста?“

dnevnik naslovnaШто вели судот за снимките како докази?

„Тужениот несомнено во конкретниот случај, користејќи го своето право на јавен настап, го повредил правото на чест и углед на тужителот на начин што без претходно да се увери во своите тврдења, автентичноста на фактите што се основа за неговите тврдења или без при тоа да сочека официјалните органи да ги утврдат фактите што се изнесени, истиот пред пошироката македонска јавност соопштува непроверени факти како непобитни вистини, притоа изрекувајќи свои вредносни судови на сметка на тужителот со прилепување етикети од типот: татко на урбаната мафија, рекетар и слично “, стои во образложението на пресудата што ја донела судијата Аризанова.

Таа во детали објаснува како „никој, па ниту еден политичар користејќи го загарантираното право на слобода на говор, не смее истото да го злоупотребува на начин кој е непримерен за едно развиено граѓанско и демократско општество, т.е. со користење на своето право не смее да му нанесува штета на правото на приватност, чест и углед на друго лице“. Аризанова, од друга страна, утврдила дека Заев е градоначалник на Струмица и лидер на најголемата опозициска партија во државата и оти согласно својот општествено-политички ангажман е јавна личност и каков таков несомнено е изложен и на пофалби и на критики, но ужива авторитет и углед и на локално и на државно ниво. Уште повеќе, судијата напишала дека е семеен човек, сопруг и татко на две малолетни деца.

За судот не е доволно ни тоа што се работи за видео и аудиоснимка на која се гледа и слуша Заев ни тоа што Обвинителството има покренато постапка врз нејзина основа.

Kако Заев досега користеше снимки како докази

Дали ваквата пресуда, која ги брани честа и угледот на Заев, всушност, не покажува како правото и судството гледаат на тоа кога се објавуваат снимки во јавноста и врз основа на тоа се даваат класификации за одреден политички соперник, како што и самиот Заев неколку месеци од почетокот на година правеше со снимките од незаконското прислушување?

Kако што е познато, од февруари до јуни, лидерот на СДСМ, Заев, направи 38 објави на снимки од незаконско прислушување, за кои тврди дека докажуваат корупција на владини функционери, пред с`, обвинувајќи го речиси целото раководство на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за криминални активности. Во прес-конференциите што ги организираше, Заев не штедеше квалификации за владините функционери, иако беа спорни автентичноста и целовитоста на снимките.

На пример, на 9 февруари, на првата објава, Заев рече: „Во Македонија, само во период од неколку години се прислушувани над 20.000 граѓани…Материјалите што ги поседуваме докажуваат дека станува збор за масовно и незаконско прислушување од луѓе вработени во безбедносните служби на РМ по директна наредба на Сашо Мијалков и Никола Груевски“.

На шестата објава, на 2 март, лидерот на СДСМ рече: „Станува збор за директиви од Груевски за незаконско подигнување милионски кредити од странство, за нелогични буџетски трошења за реклами и споменици во услови кога биле доведени во прашање: плати на администрацијата, работни места, работата на клучни ресори во државата, честа и достоинството на јавната администрација, народот и државата. Ова се признанија лично од вицепремиерот за финансии Ставрески и министерката за внатрешни работи Јанкулоска …овие разговори ќе потврдат дека е фалсификувана вистината за економската состојба во државава“.

На 26 март, пак, Заев објавувајќи снимки, рече: „Досега, меѓу другото, покажавме колку бил нечесен Никола Груевски кога се работело за неговиот личен интерес. Kупувал огромни, атрактивни парцели на Водно, вредни милиони евра и се криел зад офшор-компании формирани за негови потреби… Денеска сите ќе бидеме сведоци како Груевски договарал проценти и провизии во милиони евра, како правел незаконски упади во тендерски постапки, фаворизирал и местел фирми да добијат тендери, бесчувствително местел и луѓе да кршат закони, за сопствени цели и интереси – како украл милиони евра народни пари преку тендерите за железницата и автопатите!“.

Kога слично на ова е сторено од страна на ГРОМ, судијата од струмичкиот суд, да повториме, вели:

„Тужениот користејќи го своето право на јавен настап го повредил правото на чест и углед на тужителот (Зоран Заев, н.з.) на начин што без претходно да се увери во своите тврдења, автентичноста на фактите… или без притоа да почека официјалните органи да ги утврдуваат фактите… соопштува непроверени факти како непобитни вистини…“.

Не се брани јавен интерес со докази чија автентичност е спорна

Струмичкиот суд, сакајќи или не, побива уште еден аргумент што Зоран Заев често го користи за одбрана на своите објави на снимки од незаконско прислушување – заштитата на јавниот интерес. Имено Заев, уште на првата објава на 9 февруари рече: „Oва што во интерес на граѓаните и државата сум должен да го споделам со јавноста е најнепријатното нешто што сум повикан да го направам, како одговорен граѓанин на оваа земја. Иако, како и секој човек што си ја сака државата, искрено жалам што Македонија, токму поради неодговорни луѓе, е доведена во ваква срамна ситуација за каква што ќе слушате од денеска“.

Судот во пресудата, која е во негова корист вели:

„Иако судот се согласува со ставот дека јавниот интерес е повисока општествена вредност од приватниот интерес, излегувањето на организирана прес-конференција и изнесување тврдења базирани на докази чија автентичност во најмала рака е спорна, судот не може да го прифати како барање на некаков јавен интерес од страна на тужениот, кој застапува политичка, а не граѓанска опција“

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top