| четврток, 6 декември 2018 |

Одбележани 80 години од раѓањето на Живко Чинго

Живко Чинго (1935-1987) со своето творештво како раскажувач и романсиер одбележа еден од магистралните текови во македонската литература.

Делото на Живко Чинго е цврсто втемелено во тековите на современата македонска литература, но колку повеќе се одалечуваме од времето кога неговите дела се напишани и објавени толку повеќе тие ќе стануваат предмет на нови истражувања, порача денеска претседателот на Друштво на писателите на Македонија (ДПМ) Веле Смилевски, по повод 80-годишнина од раѓањето на Живко Чинго, еден од најзначајните писатели на современата македонска литература.

Живко Чинго (1935-1987) со своето творештво како раскажувач и романсиер одбележа еден од магистралните текови во македонската литература. Автор е на збирките раскази „Пасквелија“, „Нова Пасквелија“, „Пожар“, „Вљубениот дух“, „Гроб за душата“ и „Бунило“, како и на романите „Големата вода“, „Сребрени снегови“ и „Бабаџин“.

– Неговото дело е цврсто втемелено во тековите на современата македонска литература во областа на романот, а посебно во доменот на расказите. Несомнено е дека целокупниот опус на Живко Чинго како раскажувач, романсиер и драмски автор со кои е извишен еден од врвовите на македонската литература е во фокусот на вниманието на читателите, на критиката, на литературната јавност, на книжевната наука. Станува збор за дело кое е толку многу познато и прифатено, но кое се чини допрва треба вистински да се осветлува во контекстите што ги нуди развојот на литературата, истакна Веле Смилевски на собирот во ДПМ посветен на Живко Чинго.

Во доменот на расказите, продолжи Смилевски, „Пасквелија“ се издига на ниво на редок и впечатлив книжевен поим, имагинарна земја меѓу земјите во литературата, додека романот „Големата вода“ како творечки и интелектуален концепт за освојување на слободата е едно од најстамените романски остварувања со современата македонска литература.

 

– Прозната уметност на Чинго нуди возбудлива слика на драмата на човекот во големиот историски пресврт што го донесоа револуционерните импулси на новото време. Во потрагата на луѓето по својата грам ветена слобода. Во нив ги препознаваме трагичните миграциски процеси, најнапред кон градот, а потоа и кон европските и прекуокеанските земји, рече Маја Јакимовска Тошиќ, директор на Институт за македонска литература – Скопје.

Прозата на Чинго, продолжува Тошиќ, е препознатлива во непосредноста, во нарацијата, во поетскиот набој, со фолклористичка нарација и дикција, што во својата взаемност обликува еден згуснат и модерен наративен говор. Таа се доживува како алегорија на некои современи социјални ситуации за да на моменти прецизно прозвучат фактографски вистини и историски реалии низ еден манир на возвишен микс меѓу реалното и надреалното.

Јунаците од прозата на Чинго, а преку нив и тој самиот најчесто своите несогласувања со новиот систем ги изразуваат со употреба на симболи од природата. И како што подвелкува Јасмина Мојсиева Гушева во секој расказ, во различните форми го среќаваме т.н. симбол природа, одразен низ природните појави дожд, ветер, вода, бура, снег.

Чинго често го користи тој симбол кога сака со одредени катаклизматични појави да прикаже некои несреќни настани како асоцијации на одредено време што е поврзано со судирот помеѓу новото и старото. Живко Чинго создаде и низа впечатливи драмски дела, меѓу кои: „Ѕидот, водата“, „Образов“, „Кенгурски скок“ и „Макавејските празници“.

Средбата по повод 80-годишнина од раѓањето на Живко Чинго ја организира Друштво на писателите на Македонија во соработка со Институтот за македонска литература и Македонскиот ПЕН центар.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top