Телекомци, антидржавници или патолошки лажговци? Народот и експерската фела се во дилема – кое од овие имиња би било соодветен, но доминантен синоним за македонската опозиција, т.е. за СДСМ?
Реалноста налага сите новокомпонирани имиња да се и повеќе од соодветни. Првото поради талентот за телекомуникации со кој измолија тешки пари за себе од „Маѓар телеком“ и направија немерлива штета на работничките права на сопствениот народ создавајќи монополи со кои ги оштетиле за многу, многу милиони.
Второто име, исто така, едноставно, се лепи на партијата. Подлогата за перфектната симбиоза е создавана со децениски минат труд. Црнилата на транзицијата се дел од првата деценија владеење, препишани на „папата“, поради кои тој и си замина од кормилото на бродот што тонеше. Тука е и промената на името и на знамето. Небаре така СДСМ се исчисти од гревовите во минатото. Водството го продолжи амнестираниот чирак, кој веќе две години со сета сила ги урива позициите на државата и создава протекторат, а покрај него и најдобрата ученичка, која гордо и „без одговор на некои прашања“ ги презеде заслугите за катастрофалната територијална организација (читај албанизација), настрана кириите, фингираното сценарио со непризнавање изборни резултати, петардоидните „бомби“ и финалните лаги за и од Израел.
Третото, патолошки лажговци, произлегува токму од фреквенцијата на лагите. Стручњаците велат дека овој тип лажговци многу лесно се препознаваат затоа што постојано ги менуваат приказните. Имено, не можат да запаметат што зборувале претходно, да ја вклопат лагата во новата ситуација, па, едноставно, измислуваат нова приказна. Носителот веднаш се чувствува загрозен и реагира многу бурно и непресметливо на секое прашање. Патолошкиот лажго може да биде многу шармантен и да освои широка публика, меѓутоа, многу често во основата на патолошкото лажење лежи чувството на помала вредност…
Проблемот за новиот синоним, пак, е повеќе лингвистички отколку етички или реален. Замислете ја кованицата телекомски патлошколажговски антидржавници, која најдобро ги опишува?
Очајничка класика: Закани место извинување за лагите
За познавачите, последните две лаги се само неминовно, логично и очекувано продолжение на пикантериите во биографијата на лидерот. Би било изненадување доколку тој првпат го прави ова. За негова жал, лагите и демантите се секојдневие и неразделив дел од неговата политичка кариера. Тоа што сите реално се прашуваат е дали за последните лаги, кои се први само во однос на тоа што се однесува на политичари и на настани од друга држава, повторно ќе следува нов демант. Следното прашање е уште пореално: ќе се демантира самиот себеси или, сепак, повторно ќе го демантира сопствената партија? Второто, најверојатно, отпаѓа, па сме во очекување на почестото самодемантирање, кое премина во класика. Во новосоздадениот, интригантско-заканувачки стил, неговата партија, за промена, не го демантираше. Само го повтори составеното од лидерот и кусо, во мафијашки стил, соопшти: „Тие што не сакаат да разберат, ќе дојде момент кога ќе разберат“. Место да најдат начин да го извадат лидерот од самосоздадениот хаос, па макар и да се повикаат на погрешна интерпретација на медиумите, кои и така ги одбрале сами, кои се подобни, тие и покрај два силни деманта од стратегиски пријателска странска држава, се закануваат и продолжувате со небулозите. Психологијата, пак, најдобро ги објаснува дејствата. Не барајте логика кај очајникот, доколку ја практикувал немало да дојде до тој степен и позиција…
И додека неговите медиуми трагикомично ја воспеваа неговата храброст, глорификувајќи ја решителноста на лидерот, кој, замислете – без никаков страв дошол во Ерусалим?! (небаре Заев застана во првите борбени редови на Израел, а според бомбашкото искуство, сепак, од страната на Палестинците) „спасителот“ сѐ подлабоко тонеше во демантите на сопствените домаќини. Прво пристигна демант од Министерството за внатрешни работи, разобличувајќи ја првата лага дека тој добил какви и да е докази. На средбата се зборувало за општи прашања, соопштија од кабинетот на Шалом. Студениот туш и жешката шлаканица пристигна од амбасадорот Орјан, кој негираше средба со некаков втор човек на Мосад, која никогаш не ни била планирана. А опозицијата не отстапи. Фатени со рацете во горчливиот мед, место извинување, лиферуваа закани. Спасителот, дефинитивно, сфати дека Ерусалим не е Муртино кога наспроти кратките нозе на нивната лага, се појави долгата рака на Мосад. Бадијала, ниту таа не ги премисли очајниците.
Традицијата го победи спасителското
Волкот може да го смени влакното, но карактерот никогаш. Ова би било најкусото објаснување на случувањата во Тел Авив и Ерусалим. Земјите ги спојува исконот на Израел и на Македонија, велат теолозите и историчарите. Летањето не може да влијае толку негативно врз човековото здравје, констатираат лекарите. Лажењето на една територија, не ја менува навиката на друга, толкуваат лаиците. За волја на вистината, истиот тој лидер од февруари оваа година (кога почна со „бомбите“, а и од порано) кажа куп лаги. Најмалку десетина. Секое ново интервју и излегување во јавност донесе нов самодемант. Истиот тој човек беше фатен во лага дека немал средби со премиерот Груевски. Го демантираше токму премиерот, а потврда беа снимките на „Јутјуб“ за странските служби. Имале, ни помалку ни повеќе, четири средби.
На истите тие средби Заев му кажал на Груевски дека прислушуваните материјали се од странски служби. Дента на објавувањето на „Пуч“ кажа дека се оставени од „загрижени граѓани“, за по неколку часа да се „поправи“ дека ги добил од домашни служби. Се сеќавате дека Заев не го познавал Верушевски? Истото тоа го потврди и неговиот портпарол, за лидерот, фатен со писмото до него, да се премисли и каже дека го знаел, настрана што му барал странска виза за работа, директно од европски премиер од „сестринска“ партија… Ги слушал сите 26.000 снимени разговори?! Пресметката покажа дека за тоа би требало да одвои минимум 30 години. Владата ќе паднеше за три дена по објавувањето на „бомбата“, а поминаа осум месеци и падна само дожд. Заев обвинувањата до премиерот Груевски и до поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, за раководење на евентуалното прислушување, ги темелеше на фактот што „нормално“ немало снимени разговори со нив. Шест дена потоа тој лично пушти разговор на кој беше снимен токму Мијалков, а потоа десетици со претходен наратив за двајцата. Следува уште најмалку толку самодеманти на кажани „факти“. Навиката не се менува лесно. Зошто би ја сменила израелската почва? Бадијала и подобните медиуми. Тие само пренесуваат.
Пандов: А отвори уста, изговара лага
Кога се работи за Заев, можеби, најинтересното е што за голем дел од неговите лаги дознаваме по неколку дена, а многу често и по неколку часа, вели аналитичарот Александар Пандов.
ПАНДОВ: Сведоци сме дека во период од еден ден Заев трипати ги има менувано своите ставови и искази, а, по правило, партијата има потреба со соопштение да го дообјаснуваа тоа што сакал да го каже лидерот. И тоа сѐ додека е на домашна сцена – на луѓето што ги следиме политичките збиднувања, ни е забавно и смешно. Човекот си е, едноставно, палјачо облечен во костум, кој секое негово појавување во јавност го користи за да истресе некоја зелена. Дека е трчи-лажи и дека а отвори уста изговара лага, знаеме, а, верувам, знаат и во СДСМ. Срамот во даденава ситуација е што ликов појде во Израел, па оттаму почна да нѐ лаже и нас, ама и домаќините, па ги доведе во ситуација да мораат да се правдаат и да објаснуваат дека кажаното од страна на Заев нема никаква допирна точка со темите за кои е разговарано и дека само поради тоа што Македонија ја сметаат за пријателска земја го пречекале и лидерот на македонската опозиција. Бламирање! Да имаше барем малку образ, најпонизно ќе ѝ се извинеше и на македонската јавност, а и на Израелците. Ама Заев е ѓон и без „кичма“, па повторно следуваше само уште едно бледо соопштение од неговиот тим за односи со јавноста. Вистински за жалење се претставниците од ВМРО-ДПМНЕ, кои се во преговарачкиот тим. Замислете да треба да се договарате со ваков лик. Човек никогаш не може да биде сигурен дека тоа што си го договорил ќе важи утре. СДСМ барем малку да беше демократска партија, овој лажго и шарлатан одамна ќе го испратеше на македонското политичко буниште, но поради тоа што е немоќна и неспособна да го направи тоа, тогаш на 24 април в година тоа ќе го направи македонскиот народ…
Оксиморонското предание на „спасителот“
Можеби непримерно за политичар „црпнат од Бога“, но кршејќи ја директно, безобразно и без покајание деветтата Божја старозаветна заповед, и тоа на свето место како Ерусалим, лидерот на опозицијата стана нов оксиморон. Во Македонија оксиморонот гласеше бомбаш-преговарач, две неспоиви улоги и личности фузирани во една. Во Ерусалим, пак, истиот тој лидер стана спасител „кој зборува во името на сатаната“. Така барем, според Стариот завет се толкува лагата и причината за нејзино раѓање. Во Стариот завет се вели: Од каде потекнуваат сите лаги и измами? –Од Сатаната, кој Господ Исус Христос го нарекува „ Лажго и татко на лагата“. „Кога лага зборува, своето го зборува“. (Јн. VIII, 14).
Во сета турли-тава, Заев, сепак, направи нешто ново. Преседан. За првпат во 24-годишната историја на државата, странска земја демантираше македонски политичар. За срамот да биде поголем, за првпат странска држава потврди дека македонски политичар лажел во два случаја. Во контекст на зборуваното на средба и, воопшто, околу одржана средба со некого. Македонската историја стана побогата за еден настан. Негативен, но прв. Исто како и бојкотот на изборни резултати, објавување незаконски здобиени разговори, странски инициран договор меѓу македонски етнички партии, амнестирање близок партиски член, самонаплаќање кирија од стотици илјади евра, партија што водеше антикампања против албанизација на Кичево и Струга со селски средини. Како и првата транзиција на фабрика, првата пропаст на штедилница, име, знаме. Сите овие црнила за првпат во Македонија. Инвентивна партија, нема збор…
Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 164. број на неделникот „Република“, 23.10.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.