| четврток, 6 декември 2018 |

За балканските медиуми рангирањето на Македонија во Дуинг бизнис е пример

бизнис1

Успехот на македонската економија во рангирањето на реномираниот извештај на Светска банка „Дуинг бизнис 2016“ не остана незабележан од регионалните и од светските медиуми. Медиумите од регионот ѝ оддаваат признание на Македонија пишувајќи дека македонската економија „сјае“ на високото 12. место на светската ранг-листа за водење на бизнис, пред сите други економии од регионот.

Телевизијата Н1 во прилог, посветен на извештајот на Дуинг бизнис, истакнува дека на Балканот може да се направи добра бизнис клима, што најдобро го докажува и Македонија, која е рангирана на 12 место во светот, подобро  и од Германија. Истото се наведува  во извештајот на РТС, српскиот јавен сервис.

 

Високото котирање на Македонија на оваа листа го објавија и црногорските, српските и косовските медиуми, споредувајќи ги достигнувањата на македонската економија со нивните економии. Тие истакнуваат дека реформите кои ги спроведуваат македонските власти имаат ефект, а резултат е високиот рејтинг на Македонија на „Дуинг бизнис 2016“.

Порталот „ЈИЕбиз“ ги споредува економиите на земјите од регионот на листата, која ја подготвува Светска банка, истакнувајќи дека македонската економија е далеку пред другите, како Хрватска, која е на 40. место или Србија која се најде на 59.. Прва земја зад Македонија е Словенија која се наоѓа на 29. место.

Јутарњи лист пишува дека меѓу транзициските земји, подобар пласман од Хрватска и во новото истражување има Македонија, која скокнала на дури 12 место на светската скала. За да се истакне напредокот на Хрватска, Јутарњи наведува дека ако се изземе добро пласираната Македонија која е далеку понапред од Хрватска, сите останати земји од регионот се зад нив.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top