Во Македонската академија на науките и уметностите ќе се промовира романот „Балканвавилонци“ од академик Луан Старова. На промоцијата ќе говори Владо Матевски, секретар на Македонската академија на науките и уметностите, а промотори се: академик Виктор Фридман, д-р Гоце Смилевски и проф. д-р Владимир Мартиновски. Фрагменти од книгата ќе чита артистот Рубенс Муратовски.
Романот на Старова беше прогласен за „Роман на годината“, каде жирито го оцени како: кулминативна точка на долгата романескна низа (’балканска сага’) на Луан Старова.
-Станува збор за комплексно, слоевито и ерудитивно дело кое може да се нарече ’роман-енциклопедија’, ’роман-библиотека’, или ’роман-океан’. Благодарение на спокојното и минуциозно водената нарација, во која се вткаени вешто портретираните ликови на двајца интелектуалци (Таткото и Климент Камилски), како и на нивните фасцинантни разговори и духовни хоризонти, читателот е исправен пред невралгичните пунктови на балканската културна и јазична историја, како и пред лавиринтите на балканскиот менталитет и сензибилитет. Суптилно реферирајќи на некои од стожерните библиски митови (пред сè, легендата за Вавилонската кула), асоцирајќи на шармот на Платоновите дијалози во кои соговорниците ги вкрстуваат аргументите и светогледите, како и надоврзувајќи се на некои од клучните столбови на европската романескна традиција (пред сè, Сервантес и Флобер), Луан Старова создал интелектуално заводливо, епски кохерентно и драматично четиво за културните проникнувања меѓу балканските народи, засведочени во јазичното наследство, стои во образложението.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.