Во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје на 28 март (среда) 2018 година, во спомен-собата на Миладиновци, со почеток во 12 часот, ќе се одржи промоцијата на романот „Граница“ од академик Луан Старова. Романот е шеснаесетта книга од неговата Балканска сага.
Романот „Граница“ е значајна книжевна творба за балканските граници, за нивната вплетеност во судбината на луѓето и таа, со својата интимна текстура, сведочи за балканскиот трагизам. За најновиот роман на Луан Старова ќе зборува проф. д-р Елизабета Шелева.
Луан Старова (1941) е еден од најпознатите писатели во Република Македонија. Автор е на 16 романи кои ја опфаќаат цикличната сага именувана од авторот како „Балканска сага“. Неговте романи се преведени на многу јазици, а за своето книжевно дело е добитник на повеќе престижни домашни и светски награди.
Добитник е и на престижното француско признание Командант од редот на уметностите и книжевностите и на еден од најголемите француски ордени – Офицер на националниот ред на легија на честа. Пишува на македонски, на својот мајчин албански јазик и на француски јазик.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.