| четврток, 6 декември 2018 |

Академик Луан Старова денеска ќе биде одликуван со Орден на Легијата на честа

Академик Луан Старова денеска и официјално ќе го добие Орденот на Легијата на честа.

Претседателот на Француската република го одликува академикот и писател Луан Старова со високото одликување од редот на Офицер на Легијата на честа. Тој е носител и на високото француското одликување Командант на уметностите и книжевностите oд 2000 година.

Овие одликувања на Старова му се доделуваат за неговиот голем придонес во развојот на француско-македонските односи во периодот кога беше прв амбасадор на Република Македонија во Франција, за подоброто разбирање на регионот во критичниите години на последната декада на минатиот век.

Старова предизвика посебно внимание во француската култура и книжевна јавност со почнување на објавување на неговата „балканска книжевна сага“ кај престижниот издавач „Фајар“ и која француската книжевна критика ја вброи во редот на големите европски романи, денес објавувана на дваесетина јазици во светот.

Академик Старова има посебни заслуги во својата долгогодишна универзитетска кариера како професор по француска и компаративна книжевност, а има посбно значење и во откривањето нови аспекти во односите меѓу големиот француски писател Гијом Аполинер и албанскиот полиграф Фаик Коница.

За одбележување се и неговите повеќегодишни односи со големите писатели и мислители на нашето време како Едгар Морен, Морис Друон, Робер Мале, Анри Мешоник, Андре Френо и други.

Старова е член на Европската академија, редовен член на Македонската академија на науките и уметностите, член на Медитеранската академија од Неапол, почесен член на Албанската академија на науките, како и член на научното друштво „Лајбниц“ од Берлин.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top