Министерот за надворешни работи Никола Попоски во рамки на неговата работна посета на Јапонија оствари поединечни средби со првите луѓе на Јапонската организација за надворешна трговија ЈЕТРО (Japan External Trade Organization) и со најголемата Стопанска комора на Јапонија КЕИДАНРЕН. Воедно, Попоски беше домаќин и на работен ручек со парламентарниот заменик министер за надворешни работи, Мики Јамада, на кој присуствуваа повеќе пратеници од јапонскиот Диет.
Како што соопшти МНР, на средбата со Јамада се разговараше за европската и евро атланската интеграција на Република Македонија, актуелните европски и регионални случувања поврзани со мигрантскобегалската криза, економските состојби во Република Македонија и можностите за зголемување на билатералната соработка со Јапонија, особено на планот на економскиот развој и инвестиционата соработка, туризмот, образованието и здравството.
– Министерот Попоски истакна дека Република Македонија е една од ретките европски држави кои стипендираат домашни студенти кои ќе се запишат на некој од 100 те најдобро рангирани универзитети во светот, меѓу кои има и јапонски универзитети. Поради тоа, министерот изрази уверување за зголемување на бројот на студенти од Македонија во блиска иднина кои своето образование ќе го завршуваат токму во Јапонија, се наведува во соопштението.
На економските средби најголем акцент се посвети на претставување на инвестициските можности и поволности што ги нуди Република Македонија на странските инвеститори. Попоски, се додава, ја истакна економската стабилност на Македонија како главна предност во време на финансиска криза. Ги потенцираше сите реформи спроведени во сегментот на привлекување странски инвестиции, преку реформирање на сите засегнати сектори за имплементација на што поголеми олеснувања во процедурата на отворање и водење на странска компанија во Република Македонија.
Тој го истакна континуираниот напредок на државата во извештајот Дуинг Бизнис на Светска Банка, како доказ за посветената работа и напредокот во спроведување на реформи во областа на економијата. Исто така, истакна дека преку привлекувањето на странски компании кои веќе оперираат во Македонија, главно од Германија, Австрија, САД, Велика Британија, Италија, државата отворила 60.000 нови работни места и го зголемила извозот.
Министерот Попоски вечерва ќе присуствува на свеченото отворање на Амбасадата на Република Македонија во Токио, а неговата работна посета на Јапонија продолжува утре со реализација на неколку билатерални економски средби.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.