За 18 месеци во Македонија се направени осум кадаверични трансплантации и 16 лица добија бубрег од починат донор. Кадаверичната трансплантација почна на Клиниката за уролгија, каде што во овој период се приспособува Трансплантацискиот центар за да се создадат подобри услови за пациентите. Професор д-р Аспазија Софијанова, национален координатор за трансплантација, во интервју за „Република“ говори за свесноста на Македонците да подаруваат органи, за динамиката во трансплантациите и ја најавува новата кампања за подарување органи.
Неодамна се одбележа Европскиот ден на дарување органи. Колку е развиена свеста во Македонија за подарување органи?
СОФИЈАНОВА: Во состав на многу нешта што почнаа да се движат во државава е и трансплантацијата, особено делот на кадаверична трансплантација или подарување органи од лица со мозочна смрт. Повеќе од една и пол година јас сум национален координатор и можам да кажам дека правиме видни чекори напред во ова поле. Не можам да речам дека свеста кај населението е најразвиена и не можам да бидам многу среќна со фактот дека ни недостасуваат одредени сегменти во целиот проект кои можеби ќе влијаат подлабоко во развивање на свеста кај луѓето, пред сè во делот на органодонорството. Тоа, од една страна, подразбира потреба од правење национална кампања за која веќе сериозно се размислува како ќе се проектира и како ќе изгледа. Гледавме и разгледувавме многу кампањи што ги прават соседните држави, особено инспирација ни беше Хрватска, затоа што тоа што го прави Хрватска на овие простори е за почитување. Она што сакаме и ние да го направиме е развивање токму на една ваква кампања. Во синџирот ни недостасуваат многу алки за да биде сè комплетно и перфектно изведено, бидејќи грешките во ова поле можат да бидат фатални. При крај сме со осмислување на кампањата која ќе објасни што значи да се подари живот. Веруваме дека кога таа ќе почне медиумски да се емитува, јас, како национален коориднатор, и сите болнички координатори кои се извонредни лекари и ентузијасти и со кои се горедам, ќе ја споделиме нашата мисла и нашата визија. Сите треба да бидеме свесни дека еден ден животот завршува, а ако може да продолжиме нечии други животи, тоа сигурно ќе значи многу повеќе од самото завршување на тој живот. Морам да ги поздравам и невладините организации „Нефрон“ и „Мактрансплант“, кои на ова поле на подигнување на свеста направија многу и навистина ни помогнаа.
До каде е изработката на Националниот регистер на потенцијални приматели на органи?
СОФИЈАНОВА: Клиниката за нефрологија долго време го работи регистерот и постојано се додаваат нови пациенти. На оваа клиника има извонредни стручни лица кои ги лекуваат пацинетите кои се на дијализа и кои се потенцијални приматели на органи. Бубрежната трансплантација од жив донатор, која колегите ја работат долг временски период, веќе ја работат рутински. Што се однесува до кадаверичната трансплантација со која неодамна започнавме, токму регистерот многу ни значи, бидејќи типизирањето на потенцијалните приматели на орган е многу важно за да ги имаме веднаш на листата кога ќе имаме потенцијален кадавер и за да може да направиме компатибилно спојување на кадаверот и примателот или пак на органите што ќе треба да бидат дадени. Бубрезите се два, црниот дроб е еден… Во иднина ќе треба да се размислува и на трансплантација на белите дробови и на срцето.
Кадаверичната трансплантација требаше да почне на Клиниката за урологија, со пресадување бубрег. Колку кадаверични трансплантации се направени во Македонија за неполни две години?
СОФИЈАНОВА: Кадаверичната трансплантација почна на Клиниката за урологија и за година и пол се направени осум вакви трансплантации и се пресадени 16 бубрези кај исто толку лица. Во моментов на Клиниката за урологија го проспособуваме Трансплантацискиот центар и се работи на тоа да ги има идеалните услови за трансплантираните пациенти. Секогаш размислуваме на доедукација на кадарот и тоа ќе биде дел од програмата за доразвивање на овој процес кај нас. Многу е важна и подготовката на пациентите пред интервенцијата, но и посттрансплантацискиот период, кој е уште поважен. Токму затоа, во моментов кратко ги запревме трансплантациите за да можеме да ги подобриме условите за пациентите.
Каква е денес динамиката на трансплантација на органи?
СОФИЈАНОВА: Сè повеќе и повеќе во подем е делот на кадаверичната трансплантација, којашто треба да биде и иднината, но, секако, сè е поврзано со подигнување на свесноста на нашиот народ. Кадаверичната трансплантација ќе биде наш престиж и наша доминатна цел за во иднина. Во сето тоа, голема е улогата на националниот координатор, особено во делот околу координирањето на целата постапка, кога ќе се случи мозочна смрт и целата постапка ќе почне од почеток. Разговорот со семејствата понекогаш е навистина мачен, бидејќи се случува во тежок период кога луѓето се збогуваат со еден живот кој им бил неизмерно драг. Меѓутоа, ако во исто време можат да подарат друг живот, од тагата произлегува среќа. Ова добро го знаат сите оние семејства што досега беа во овој процес. На сите нив искрено им благодарам, бидејќи она што го направија, особено овие први осум кадаверични трансплантации, го сторија несебично и испишаа една нова страница во македонското здравство и во трансплантациската медицина. Нивниот пример треба да биде пример и за следните 80, 800, 8.000 семејства за да ги достигнеме другите европски земји, бидејќи не сме ништо подолу од нив. Само треба малку повеќе да работиме на развивање на свеста. Понекогаш ни се случуваше кај дел од тие што беа потенцијални донатори, со веќе дијагностицирана мозочна смрт, да не успееме да го убедиме семејството. Иако законот вели дека сите сме потенцијални донатори, финалната одлука сакаме да ја донесе семејството.
За трансплантација се говореше и на Шестиот национален конгрес на педијатри во Македонија, кој заврши викендов во Струга. Кои се последните сознанија?
СОФИЈАНОВА: На последниот ден од Конгресот на трансплантација посветивме цела сесија. По предавањата излеговме многу побогати за свесноста што се јавува и кај нас колегите, бидејќи и ние во самиот процес зрееме. Колегите од КАРИЛ презентираа еден многу интересен случај. Д-р Маја Мојсова, меѓу другите, го презентираше случајот во Хрватска. Имено, мајка на 24 години, во 26 недела од бременоста доживува мозочна смрт. Семејството се согласува таа да биде на апарати уште одреден период, за да дозрее плодот, а потоа нејзините органи да бидат дарувани. Таткото направил филм со детето во кој ѝ благодари на мајката за она што го сторила. Приказната нè остави без текст. Ако може Хрватска, можеме и ние. Само треба да се има добра волја и да се прифатат нештата. Порано или подоцна, сите заминуваме од овој свет. Ако по нашата смрт можеме да спасиме друг живот, тоа нема цена. Презентации на конгресот имаа и д-р Срцева Јовановска од КАРИЛ, д-р Галина Северова и д-р Александра Пивкова.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Ѓорѓи Личовски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)
-
Руси масовно дрифтаат во снег, ни полицијата не им може ништо (Видео)