Кандидатот на ДПА за градоначалник на Тетово, Сади Беџети, го призна изборниот пораз и ѝ честиташе на Теута Арифи за победата.
Беџети изјави дека ја почитува волјата на граѓаните да изберат нов градоначалник во следниот мандат од четири години.
Лидерот на ДПА Мендух Тачи, пак, во своето обраќање оцени дека изборниот процес бил со низа неправилности. Според него, сите политички партии се здружиле против ДПА.
– Прво да му ја честитам победата на нашиот градоначалник во Студеничани Азим Садику и на Зијадин Села, кој денеска ја запечати победата.
– Очигледно е дека борбата беше нерамноправна. Сите се здружија против ДПА. Имаше купување гласови, уцени, на крај сите се здружија против нас, во сите општини каде што имавме кандидат за вториот круг, да гласаат против нас – рече Тачи.
Одговарајќи на новинарско прашање за евентуална оставка по поразот во Тетово, Тачи нагласи дека размислувал на оваа тема, но не сака да ѝ наштети на партијата. Притоа најави дека останува на чело на партијата зашто зад неа на овие избори застанале повеќе од 90.000 граѓани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


