| четврток, 6 декември 2018 |

ФХ3Х и во новиот филм за Џејмс Бонд

Македонската компанија за анимација и визуелни ефекти учествуваше во креирањето на визуелните ефекти на 24. филм за Џејмс Бонд  во соработка со MPC Tehnicolor од Лондон

Премиерата на „Спектар“ во Скопје ќе биде следниот четврток, на 5 ноември во киното „Синеплекс“.

Според Кристијан Даниловски, ко-сопственик на ФХ3Х и извршен продуцент, на овој проект работеле вкупно 66 артисти од јули до октомври годинава.

–  Овој проект го работевме во соработка со MPC Technicolor од Лондон и на филмот беа изработени преку 70 кадри и како фанови на серијалот со нетрпение очекуваме да го видиме конечниот резултат. Од она што може да се види низ медиумите и форумите за филмот, не очекува фантастичен спектакл, особено акционите сцени снимени во Мексико, новото специјално произведено возило на Aston Martin, limited edition DB9 GT Bond Edition, да не ги набројувам останатите „гаџети„ кои се вообичаена атракција за сите фанови, филмот ветува добра забава – изјави Даниловски.

Даниел Крег по четврти пат во улогата на Бонд, овојпат против Кристофер Валц во улогата на Оберхаузер, во приказна која не враќа на првиот контакт на Бонд со криминалната организација Спектар.

По нападот на Раул Силва врз MI6, шифрирана порака од минатото на Бонд, покренува низа на настани со кои го соочува со криминалната организација позната како Спектар. Додека М се бори со политички моќници да ја задржи тајната служба активна, Бонд сфаќа дека едниствениот начин да ја расплетка мрежата на измами е да ја заштити невината ќерка на моќен непријател. Следејќи трага од Мексико до Италија, Австрија и Мароко, принуден е да работи надвор од својата вообичаена структура на поддршка, бидејќи е принуден да се соочи со непријател од своето минато.

Филмот за првпат ќе биде прикажан на 26 октомври во Лондон, додека светската премиера започнува на 6 ноември.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top