| четврток, 6 декември 2018 |

Со австриска помош се унапредува системот за интероперабилност во Македонија

техно

Со помош на австриски стручњаци, Министерството за информатичко општество и јавна администрација го унапредува системот за размена на податоци меѓу институциите, кој е во насока на создавање ефикасна и отворена администрација.

Станува збор за проект за поддршка на државната служба и реформите во администрацијата кој се реализира во партнерство со Агенцијата за економска соработка и развој, а е финансиран од Европската унија.

– Институциите претставуваат сервис на граѓаните и компаниите и оттука мора да се стремиме кон ефикасност. Денес граѓаните имаат високи очекувања од владините институции при извршувањето на јавните услуги. Тие сакаа брза, ефикасна и квалитетна улуга на администрацијата без разлика на времето и местото на услугата која ќе биде завршена со љубезност, трансперност и одговорност од страна на службениците. Оттука, нашиот пристап е јавна администрација, ориентирана кон граѓаните достапна за корисниците со координирани услуги меѓу институциите- истакна заменик-министерката за информатичко општество Марта Арсовска – Томовска на денешната конференција за интероперабилност во дигитална Европа.

Таа нагласи дека реформата на јавната администрација е приоритет на Владата и оти целта е администрацијата да прерасне во ефикасен и транспарентен сервис на граѓаните. Реформите, рече Арсовска – Томовска, веќе се почнати и се движат со забрзано темпо.

Австрија е една од водечките држави во однос на примената на е-влада во Европската унија. Во оваа држава, како што посочи австриската амбасадорка Рената Коблер, е развиена стратегија за е-влада и развиен е и систем за заштита на личните податоци.

– Ние развивме стратегија за е-влада и имаме платформа таканаречена дигитална Австрија. Главната цел е секој граѓанин на Австрија да може да ги користи сите функционалности на е-влада на сите нивоа и во секое време. Она што е спефицично за Австрија е и тоа што имаме високо ниво на заштита на личните податоци- истакна Коблер и додаде дека ја поддржуваат Македонија во напорите за реформа на јавната администрација.

Проектот за поддршка на државната служба и реформите во администрацијата е почнат во декември 2014 година и е планирано да трае 12 месеци.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top