Во вторник, на 27 октомври, со почеток во 20 часот, во клуб-ресторанот MКЦ ќе биде промовирана книгата „Дај две, љубовни!“, антологија на европската љубовна поезија, со што ќе се затвори и првото издание на фестивалот „Букстар“ кој го организирра издавачката куќа „Антолог“.
„Дај две, љубовни!“ е антологиско издание на најубавите љубовни песни на авторите од Европа, кое тимот од издавачката куќа „Антолог“ го приреди специјално за фестивалот. Книгата ќе ја промовира универзитетската професорка и книжевна теоретичарка, Лидија Капушевска-Дракулевска, а модератор на целиот настан ќе биде радиоводителката Елена Стојановска. Со поетско читање ќе настапат и петнаесетина македонски поети и преведувачи, кои ќе читаат стихови од песните поместени во антологијата и од своето творештво, меѓу кои и: Велко Неделковски, Ленче Милошевска, Никола Маџиров, Сузана В. Спасовска, Владимир Мартиновски, Ѓоко Здравески, Ацо Гогов, Сузи Тенева, Владимир Јанковски, Лидија Танушевска, Милица Миркуловска, Радица Никодиновска, Борис Митковски, Елена Пренџова, Биљана Стојановска, Елена Конеска, Исток Улчар, Зоран Радически.
– Со цел да ги претставиме авторите што објавиле свои дела во ’Антолог‘ пред пошироката јавност на необичен начин, ги поканивме нашите соработници – поети, раскажувачи, есеисти, романсиери, преведувачи, да одберат по две омилени песни од кој било писател од Европа. Темата беше најблагородната, љубовта. Поканата ја прифатија и македонските и странски автори, така што како приредувачи на оваа несекојдневна збирка се најдоа над четириесет значајни и почитувани имиња од домашната и од европската книжевна сцена – велат од „Антолог“.
За крај на промоцијата, но и на целиот фестивал, како подарок од „Антолог“ за читателите и за соработниците е предвиден целовечерен концерт на групата „Фолтин“, кој ќе почне во 21.30 часот.
Фестивалот „Букстар“, кој траеше во текот на октомври, е поддржан од програмата „Културни приказни“ и од Европската Унија. Логистичката поддршка е на МКЦ. Антологијата „Дај две, љубовни!“ е отпечатена во печатницата Графо ден од Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
„Антолог“ ја најави добитничката на наградата „BookStar“ 2018 : Во Скопје доаѓа Славенка Дракулиќ
-
„Антолог“ објави две обновени лектирни изданија од Александар Кујунџиски
-
„Бележникот на татко ми“ од најтиражниот писател од Холандија – Кадер Абдолах
-
„Антолог“ го објави романот „Просечен индекс на среќата“ која ја доби Наградата за литература на ЕУ за 2015