Светот го доби новиот најбогат човек, откако сопственикот на „Зара“, Шпанецот Амансио Отрега, го надмина богатството на Бил Гејтс, наведува магазинот „Форбс“.
Царството на модниот гигант е „тешко“ 80 милијарди долари, а акциите на неговата компанија „Inditex“ достигнаа цена од 33.99 евра за акција.
Малку подоцна,сепак, акциите на Ортега загубија мал дел од вредноста, така што опаднаа на 33,80 евра за акција, што Гејтс повторно го врати на врвот на листата најбогати, но магазинот пишува дека тоа зборува дека во следните денови двајцата милијардери ќе се сменуваат на тронот.
Ортега не е толку познат во светот како Гејтс, кој долги години беше најбогатиот човек на планетата, но тивко со години се креваше на скалилото на најбогати луѓе во светот благодарение на својата компанија која продолжува со добрите деловни резултати и константно проширување.
Во официјалната биографија на Амансио Ортега пишува дека е роден во 1936 година како син на железничар, а веќе со 13 години почнал да работи во продавница на облека. Својот прв бутик го отворил во 1975 година со сопругата Росалија Мера. Мера починала во 2013 година, а била најбогатата жена во Шпанија.
Инаку, Ортега важи за многу таинствен деловен човек кој ретко се појавува во медиумите. Наводно, до сега имал дадено само три интервјуа. Ретко оди и на одмор, а познат е по тоа што секој ден руча со своите работници во ресторанот на компанијата.
Групацијата „Inditex“ во својот состав, покрај „Зара“, ги има и брендовите „Масимо Дути“, „Бершка“, „Страдиваријус“ и „Пул енд Бер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.