| четврток, 6 декември 2018 |

И по развод – соживот

Во Холивуд почудно е кога некој ќе остане заедно, отколку кога некоја брачна двојка ќе ги потпише документите за развод. Ретко кои познати личности остануваат заедно, па дури и оние наизглед цврстите бракови како камен, пукаат со времето.

Но,токму таа постава на работите, донесе и нови „правила“ меѓу бившите сопружници. Најчесто поради децата, се забораваат меѓусебните кавги, па се работи на нов однос во нивна полза.

„Новото нормално“ има неколку исти особини со обичното.

И по разводот голем дел од познатите личности остануваат семејство, а нивните деца не мораат да се грижат дали мајка им и татко им можат да седат во иста просторија.

Крис Мартин неодамна ѝ организираше роденденска вечера на Гвинет Палтроу, со која е разведен, иако во април и законски го прекинаа 12 години долгиот брак. И Брус Вилис и Деми Мур продолжија со своите животи и со нови партнери по разводот, но нивните ќерки и ден-денес сметаат на поддршката од нивните родители.

Дури и едно од моментно најомразените семејства, кланот Кардашијан, се пример дека сѐ се може штом се сака. Брус неодамна стана Кејтлин, почудно здравје, но сѐ уште е редовно во контакт со својата поранешна сопруга Крис Џенер. И двајцата беа во одлични односи со првиот сопруг на Крис, адвокатот Роберт Кардашијан, кој на смртната постела му остави аманет на Брус засекогаш да се грижи за неговите ќерки.

Она „драга, моите и твоите деца се тепаат со нашите“, не е веќе шега ни во Македонија. Бројот на разводи е зголемен, но гледајќи од добрата страна, барем не се останува сосила во брак или поради тоа што ќе каже народот.

Раскинот на, така да ја кажеме, љубовната врска, не мора да значи и раскин на сите останати меѓучовечки односи, а пријателството и почитта со поранешниот партнер можат да опстојат. И во бракот и по него, посебно кога во приказната има и деца, добро е да се остане пријател.

Иако одамна разведени и секој тргнат по својот пат, актерот Тони Михајловски и првата сопруга се во добри односи, првенствено затоа што заедно го имаат нивниот прв син Александар. Михајловски во една пригода изјави дека таа секогаш ќе ја има неговата почит и ќе остане мајката на неговото дете.

Дека со прекинот на бракот не се прекинуваат и меѓучовечките односи, најголема потврда е Калиопи. И по два развода, македонската поп-дива неодамна изјави дека сепак верува во љубовта и му се радува на животот, а сегашната љубовна состојба ја опишува како исполнета и необврзна.

Калиопи во осумдесеттите години се омажи со композиторот и тогаш основач на групата „Калиопи“, Ромео Грил. Заедно го имаат синот Пако, кој денес има 24 години.

scena163-kaliopi-i-romeo-gril

Грил во 2012 година ја создаде песната со која Калиопи ја претставуваше Македонија на „Евровизија“, за подоцна да биде автор на целиот албум „Волчица“ на македонската пејачка.

Нивниот однос е повеќе од професионална соработка. Како што Калиопи не штеди на зборови кога станува збор за поддршката што ја добива од својот поранешен сопруг, така ни Грил не пропушта пригода да изјави колку е таа прекрасна како личност и единствена како уметник.

– Калиопи се раѓа еднаш во 100 години – смета таткото на нејзиното дете.

Можеби не толку интензивно како со Ромео, но Калиопи го негува и пријателството со нејзиниот втор сопруг, актерот Васил Зафирчев.

scena163-Kaliopi-i-Vasil

Двојката помина помалку од седум години во брак, а поради разликата во години, нивната врска ја споредуваа со онаа на Деми Мур и Ештон Качер.

Минатата година како водител на „Скопски фестивал“, Зафирчев имаше посебна најава за својата поранешна сопруга.

– Време е за големата, некогаш моја, секогаш моја Калиопи – ја најави тој.

Без многу помпа и галама, во 2011 година по скоро 25 години брак се разведоа Андријана и Горан Алачки. Иако се разведени на суд и живеат во различни домови, хармоникашот со фолк-пејачката и водителка сѐ уште се појавуваат заедно на јавните настани.

scena163-4

И не само тоа. Алачки соработуваат и на професионален план и се сложни кога станува збор за нивните деца, Грациела и Баже, како и за најмладиот член во семејството, внуката Дарија, која само што наполни една година.

Дека семејството е пред сѐ, е доказ и актерката и пејачка Тања Кочовска, која по разводот од актерот Владимир Ендровски-Љац, остана во добри односи со него, првенствено поради нивниот син Александар.

Кочовска е веќе 20 години во брак со колегата Предраг Павловски, а Љац исто толку години е со Гордана, но минатото не им пречи да ги поминуваат семејните веселби и настани заедно.

Пишува: Марина Костовска
(Текст објавен во 163. број на неделникот „Република“, 16.10.2015)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top