Македонскиот ракометен првак Вардар в сабота е пред голем предизвик во Лигата на шампионите бидејќи ќе игра со еден од најголемите конкуренти во групата за првото место, полскиот тим Кјелце.
Минатогодишниот противник во четвртфиналето кој го елиминира Вардар за пласман на завршниот турнир во Келн и оваа година е во потесниот круг на екипи кои ќе атакуваат на европскиот трон.
Дербито во Скопје за вардарци е желба за освета против стариот должник и задржување на првото место на табелата.
Тренерот Раул Гонзалес може да здивне бидејќи покрај сите пехови кои ги имаше со составот во последните 10 дена, ќе може да смета на Алекс Дујшебаев и Арпад Штербик, двајцата ракометари кои се носители на играта на „црвено-црните“ кои отсуствуваа од натпреварот со Колдинг поради стомачен вирус.
– Пред нас е тежок меч но се наоѓаме во добра ситуација бидејќи сме први во групата. Противникот е силен, има квалитетен тренер, но во нашата сала пред нашите фанови играме подобро – истакна тренерот на Вардар. Тој го знае и рецептот за триумф.
– Мора да играме подобра одбрана отколку со Колдинг. Да бидеме поагресивни. Кјелце го има најдобриот пивот во светот, Агинагалде, ќе треба да го сопреме – дополни Раул Гонзалес.
Натпреварот се игра в сабота во СЦ „Јане Сандански“ со почеток од 17.30 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


