Фондацијата „Викимедија“ ја обвини француската Централна дирекција за внатрешно разузнавање (ДЦРИ) дека вршела притисоци со „закани“ за повлекување на статија објавена на „Википедија“, која, според ДЦРИ, ја загрозувала националната безбедност на Франција.
Министерот за внатрешни работи на Франција, под чијашто надлежност работи ДЦРИ, ја оспори оваа верзија на Фондацијата „Викимедија“. „Во една правна држава не може да се асимилира поведувањето судска постапка со закана“, која е поднесена за еден дел од статијата, која претставува закана за националната безбедност.
Статијата се однесува за еден текст објавен на 24 јули 2009 година посветен на воена станица за радиопреноси во Пи-де-Дом. Статијата по краткото повлекување од интернет денес е повторно достапна за читателите.
Фондацијата „Викимедија“, која е со седиште во САД и која е сопственик на „Википедија“, објаснува дека дури побарала на 4 март повлекување на текстот. Француската тајна служба утврдила дека во статијата има информации што се класикувани како „воена тајна“ и дека објавувањето вакви информации го кршат кривичното право.
Фондацијата побарала повеќе информации од ДЦРИ, која одбила да ги даде и барала целосно бришење на текстот, што „Википедија“ не го направи. Според Министерството за внатрешни работи, спорниот дел од текстот се однесува на организацијата на нуклеарните компоненти на француската одбрана.
ДЦРИ на 30 март контактирала со еден од волонтерите, кој живее во Франција, и инсистирала како администратор на веб-страницата, да го избрише спорниот текст, кој под закана го направил тоа, објаснува „Викимедија Франс“.
Француското Министерство за внатрешни работи се брани дека лицето го повлекло текстот, откако по барање на обвинителството тоа било предупредено дека против него можат да биде отворена судска процедура, како правно лице одговорно за „Википедија Франс“. Волонтерот, според асоцијацијата, иако немал врска со содржината на текстот, добил закана дека ќе биде притворен и обвинет. Во текот на викендот, страницата со спорниот текст повторно е вратена на интернет од еден волонтер со седиште во Швајцарија.
Откако оваа вест проструи на интернет, статијата за еден викенд беше посетена 76.000 пати, што ја прави најпосетена на „Википедија.фр“, по што беше преведена и на англиски јазик.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


