Набљудувачите на Граѓанската асоцијација МОСТ евидентирале непочитување на процедурата за гласање на слепи и на неписмени лица, прекин на гласањето во Бутел, случаи на семејно гласање во Струга, фотографирање гласачки ливчиња, некористење УВ ламба, јавно гласање.
Извршниот директор на МОСТ, Дарко Алексов, информира дека на гласачкото место 2948, во општина Бутел, членовите на ИО забележале дека од кочанот за градоначалник на општината има едно ливче помалку од тој кочан за градоначалник на град Скопје. Гласањето било прекинато 15 минути, по што е направен записник и е решено за ова да се решава по завршување на гласањето.
На гласачкото место 2909, во општина Бутел, како што рече Алексов на денешната конференција за печат, членови на ИО во четири случаи помагале на слепи и на неписмени лица, додека, пак, на гласачко место 2966, општина Шуто Оризари, членови на ИО помогнале на слепи и на неписмени лица во шест случаи.
– На гласачкото место 1905 општина Струга, забележани се 13 случаи на семејно гласање, осум случаи на непочитување на процедурата за гласање на слепи и на неписмени лица, како и три случаи на јавно гласање. На гласачкото место 1907, исто така, во општина Струга, забележани се девет случаи на семејно гласање и седум случаи на јавно гласање. На гласачкото место 1917, во селото Велешта, општина Струга, од 14 часот па досега се забележани 14 нови случаи на семејно гласање и осум случаи на јавно гласање – рече Алексов.
Посочи дека на гласачкото место 0838, во општина Кочани, било забележано фотографирање на гласачкото ливче за што е направена забелешка во записникот на ИО.
– На гласачкото место 0843, во општина Кочани, пронајдено е заокружено гласачко ливче зад параванот, со печат. Ливчето е ставено на страна, а ИО ќе реши за тоа дали ќе се третира како неважечко по завршување на гласањето… На гласачкото место 0438, во општина Врапчиште, на еден гласач му е дозволено да гласа иако го немало во Избирачкиот список. Неговата изјава била дека таму гласал во првиот круг, па ИО се договорил да му дозволи да гласа. На ова место, исто така, се забележани и 11 случаи на семејно гласање – додаде Алексов.
На гласачкото место 0412, општина Гостивар, се читаат на глас имињата на гласачите, на гласачкото место 2154, во општина Велес, на 10 лица не им е проверен десниот палец со УВ ламба, на гласачкото место 0427, во општина Гостивар, забележани се 10 случаи на семејно гласање.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


