Полицијата во Неготино вчера уапси осомничен за кражба на 165 килограми ореви од три приватни куќи во градот.
– На 19 октомври 2015 година, по претходно обезбедена наредба од надлежен судија, извршен е претрес во дом на жител на Неготино, при што се пронајдени поголема количина ореви како и други предмети кои потекнуваат од претходно извршени кривични дела, потврди за МИА Анита Стојковска, портпарол на СВР Велес.
Предметите со потврда се одземени и ќе бидат вратени на оштетените граѓани. Се работи на целосно расветлување на повеќе кривични дела, како и утврдување на евентуална инволвираност на друго лице при извршување на кривичните дела. По целосно документирање ќе следи и соодветен поднесок до надлежна институција, рече Стојковска.
За потсетување, на почетокот на месецот во Неготино беа украдени 165 килограми ореви.
– На 12 октомври годинава во полициската станица Неготино пријавени се три случаи кражби на ореви од тераси од куќи лоцирани на улица „Душко Делов“ во Неготино. Во првиот случај, оштетениот граѓанин пријавил дека му се одземени осум вреќи во кои имало околу 80 килограми ореви, во вториот случај оштетениот пријавил дека од терасата од куќата му се одземени три вреќи во кои имало околу 30 килограми ореви и третиот оштетен граѓанин пријавил дека му се одземени осум вреќи во кои имало околу 55 килограми ореви – соопшти тогаш Стојковска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


