| четврток, 6 декември 2018 |

Либералите извојуваа убедлива победа на изборите во Канада

Либералната партија на Џастин Трудо убедливо победи на вчерашните парламентарни избори во Канада, освојувајќи апсолутно мнозинство во Долниот дом на канадскиот Федерален парламент.

kanada

Според резултатите, од 316 од вкупно 338 изборни единици, либералите освоиле 177 пратеници, пред Конзервативната партија на актуелниот канадски премиер Стивен Харпер, која доби 96 мандати и социјалдемократската Нова демократска партија со 33 пратенички места.

Влез во Парламентот обезбедија уште и сепаратистичкиот Квебечки блок, кој освои девет пратеници и Зелената партија, која доби еден манадат.

Според предвидувањата на канадските медиуми, во конечниот распоред на мандатите, либералите ќе имаат 184 пратеници или 14 повеќе од потребните 170 за парламентарно мнозинство, конзервативците 101, новите демократи 42, Квебечкиот блок 10 и зелените еден пратеник.

Врз основа на ваквите резултати веќе е извесно дека 43-годишниот Џастин Трудо, кој е син на поранешниот канадски премиер Пјер Трудо, ќе биде нов шеф на Федералната влада на Канада.

Актуелниот премиер Харпер уште по објавувањето на првичните резултати од изборите го призна поразот и му ја честитеше победата на Трудо, при што најави дека по десет години раководење ќе поднесе оставка на функцијата лидер на Конзервативната партија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top