Во зградата на локалната самоуправа на Гевгелија денеска се одржа состанокот на региналниот штаб на Центарот за управување со кризи на кој присуствуваа директорката на главниот штаб на Републичкиот центар за управување со кризи, Сузана Салиу и градоначалникот на општина Гевгелија, Иван Франгов, како и претставници на УНХЦР, на Црвениот крст и на други институции вклучени во справувањето со бегалската криза.
По информацијата за состојбата и активностите во Прифатниот камп за мигранти во Гевгелија на состанокот беа посочени подготовките што се прават за претстојните зимски услови. Во тој поглед, беше речено веќе е поставен голем шатор од страна на невладината организација Хабитат на влезот од центарот, а уште еден ќе биде поставен кај железничката платформа.
Од страна на УНХЦР ќе бидат поставени уште три големи шатори кои истовремено ќе бидат опремени со душеци, маси со столови за одмор и за краток престој.
Од утре ќе профункционира интернет врската во центарот за побрза евиденција и пропуштање на мигрантите. Пунктот за евиденција се доопремува со нови компјутери. Сите други активности околу распределбата на храна и облека, одржување на хигиената, како и редовната дезинфекција се одвиваат непречено.
На состанокот беа отворени и неколку актуелни прашања околу обезбедувањето нови извори за електроснабдување, потребата од уредување на празните површини за обезбедување подобра комунална хигиена, а од страна на Македонски железници беше најавено поставување билетарница со деноноќно дежурство за продажба на возни билети.
– Имаме добра и редовна комуникација со локалната самоуправа, како и со другите институции и меѓународни организации кои се ангажирани околку функционирањето на Прифатниот центар за мигранти. На тој начин заеднички и поорганизирано настојуваме да ги подобриме условите за пропуштање и престој на мигрантите по влегувањето во земјата особено во пресрет на зимските услови. Сето тоа не чини многу како држава бидејќи АРМ, МВР, локалната самоуправа, како и другите државни органи имаат огромни трошоци, а досега не сме добиле никаква финансиска помош. Финансиите претставуваат голем проблем. Некои меѓународни организации и невладини организации добија финасиска помош, но ние како држава досега не сме добиле ништо, изјави по состанокот директорката на Сузана Салиу.
Според градоначалникот на општина Гевгелија, Илија Франгов Општината е вклучена во справувањето со бегалската криза со цел да им излезе во пресрет на мигрантите, но не и на штета на граѓаните.
– Досега сите реализирани активности ги финансиравме од општинскиот буџет бидејќи други средства не сме добиле. Со УНХЦР се договоривме да ни бидат признаени трошоците околу уредувањето на центарот, но останува отворено прашањето околу оперативните трошоци. Исто така ни недостигаат возила и механизација за нормално извршување на комуналните услуги, како и обезбедување простор за депонирање на комуналниот отпад, бидејќи во текот на септември од Привремениот транзитен центар беа испразнети и депонирани 779 контејнери, а во исто време од цела општина биле испразнети и депонирани 1.990 контејнери, изјави Франгов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.