| четврток, 6 декември 2018 |

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ остави 200.000 луѓе на улица

СДСМ зборува за отворање на мали фирми и отвoрање нови работни места, а своевремено затвори 684 фирми и остави на улица 200.000 луѓе. СДСМ зборува за субвенции, а не даде ниту денар кога имаше прилика за тоа. Како што ветува денес, ветуваше и на фамозниот 15-ти септември дека ќе вработи по еден од секое семејство, за потоа да престане да се сеќава на ова свое капитално неостварено ветување и ден денес да го носи срамот од оваа лага, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

„Наместо празни ветувања, ВМРО-ДПМНЕ има да понуди конкретни дела и тоа во секој сектор. Ова се фактите кои што говорат за постигнувањата на ВМРО-ДПМНЕ на економски план. Реализирани се 133.000 нови вработувања. Стапката на невработеност од 38% во времето на СДСМ е сведена на помалку од 27%, со постојана посветена работа да ја намалиме уште повеќе.

Даночната стапка во Република Македонија е најниска во светот со ефективна стапка од 7,4%. За микро и малите фирми од 2011 година даночната стапка изнесува 0%. ДДВ-то е намалено од 18 на 5 % за преку 15 видови на производи кои што секојдневно граѓаните ги користат.

Царинските стапки се меѓу најниските во регионот. Пондерираната царинска стапка е 1,75 % и е за 50 % пониска во однос на 2006 година. Со над 12 милиони евра годишно се поддржуваат македонските фирми со намалувањето на царинските стапки секоја година – тоа се 108 милиони евра само по овој основ во периодот додека ВМРО-ДПМНЕ е на власт.

Пристапот до финансиски средства на малите и средни претпријатија е најголемиот проблем кој го имаат малите и средни компании. Затоа за нив обезбедивме кредитна линија од Европската инвестициска банка уште на почетокот на кризата во износ од 350 милиони евра од кои 319 милиони евра се веќе искористени. Нив ги ползувале 1.583 македонски мали и средни претпријатија кои овие пари ги инвестираа во проекти што резултираа со отварање на 6.441 работно место.

Со мерката „Отпис на камати“ голем број на фирми ја искористија можноста за отпис на камати, доколку заостанатиот долг по основ на главницата го исплатат навреме, што повторно значеше бенефит за фирмите во најтешките години на светската економска криза.

Олабавена е казнената политика. Со измените на законите кои се направени, македонските претпријатија ќе бидат сразмерно казнувани согласно големината на фирмата и можностите, а за малите и средни претпријатија намалувањето на казните ќе биде најзабележливо.

Проектите како „Македонија вработува“ и сличните, каде државата им овозможува на фирмите да не плаќаат придонеси во рок од 5 години ако вработат лице преку овој проект, се исто така наменети за малите и средни претпријатија. Преку ваквите мерки фирмата добива поддршка од државата во износи од 1000, 2000 и 5000 евра за да вработи лице за кое во спротивно доколку ја немаше оваа мерка ќе требаше да платат придонеси и тоа ќе ги зголемеше нивните трошоци. Досега, преку проектот „Македонија вработува“ за 5 месеци се вработени 7.374 лица. Тоа значи дека фирмите кои се вклучиле во „Македонија вработува“ за само една година ќе добијат над 12.600.000 евра помош. Од активните мерки за вработување, за 2016-та година се предвидени 11,5 милиони евра, а оваа година за истата намена се користат 10 милиони евра.

Малите и средни фирми кои произведуваат во секторот на мало стопанство изминативе години работат како изведувачи на разни градежни зафати на инфраструктурни проекти и на тој начин се обезбедува работа и опстанок за истите, а за некои дури и можност за развој. Кога е инфраструктурата во прашање, во моментов се градат автопати, експресни патишта, се инвестира во железницата, и сето тоа е значајно за работењето на фирмите кои што егзистираат во различни региони во Македонија.

Она што е најважно за малиот бизнис е да имате едноставни процедури, да имате помали цени за услугите на Катастарот и слично. Со Регулаторната гилотина од 94 место ја донесовме Македонија на 30 место во светот за водење бизнис. Во овој сегмент сме регионални лидери и тоа покажува дека се грижиме за бизнис климата за малите и средни претпријатија во Република Македонија.

Фондот за иновации исто така е наменет за малите и средни фирми. Оваа година тој фонд располага со 2,5 милиони евра, а на првиот јавен повик се имаат пријавено дури 78 фирми.

Мерката „Консултација со странски експерти“ досега успеале да ја искористат 110 мали и средни претпријатија кои на овој начин ја подобруваат својата конкурентност како на домашниот, така и на странскиот пазар.

Министерството за финансии преку Управата за имотно правни работи ги посетува домашните компании и со поддршка на стопанските комори ги решава нивните имотно-правни проблеми. Досега 205 компании се пријавиле за решавање на имотно правни проблеми. Владата досега овозможи на сите фирми да го откупат државното земјиште по поволни цени, опција која ја искористија повеќе од 2.500 претпријатија во Република Македонија“, се вели во соопштението на ВМРО ДПМНЕ.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top