Женскиот ракометен шампион на Македонија ЖРК Вардар го имаше своето крштевање во новата сезона во Лигата на шампионите.
На домашен терен во СЦ „Јане Сандански“ вардарки беа декласирани од поранешниот шампион на Европа, унгарската екипа Ѓер со 22-27.
Избраничките на Индира Кастратовиќ изгореа во желбата новата сезона да ја започнат со победа. Во текот на целиот натпревар гостинките од Унгарија го диктираа темпото и во ниту еден момент не дозволија некакво изненадување. Иако минатата сезона беа елиминирани токму од ЖРК Вардар во четвртфиналето, сепак по овој натпревар може слободно да се каже дека се најсериозен кандидат за тронот во Европа.
Првиот тренер на екипата на Ѓер, Мартин Амброш очигледно добро ја снимил играта на „црвено-црните“ и лесно и од сите позиции го напаѓаше голот на Вардар со успех. Најголемата предност од осум голови гостинките од Унгарија ја остварија во 53.минута и на седум минути до крајот ставија точка на натпреварот.
Во одбраната царуваа Локе и другарките и воопшто не му дозволија на тимот на Вардар да дојде до лесна реализацијата.
Единствена светла точка во нападот беше Маја Сокач која успеа да ги реализира сите пет пенали. На голот солидна партија имаше и Амандин Лејно со 14 одбрани.
Во сотавот на Ѓер се истакнаа Анико Ковачич со шест гола и Хајди Локе со пет.
Следното коло ЖРК Вардар ќе и гостува на екипата на Хипо, а Ѓер на домашен терен го пречекува тимот на Митјиланд.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.