| четврток, 6 декември 2018 |

Ванхауте: Продолжуваат преговорите на работните групи

vanhauteРаботните групи составени од претставниците на четирите политички партии денеска продолжија со разговорите со фокус на Изборниот законик.

Како што изјави Питер Ванхауте, разговорите продолжиле откако сите партии потписнички на Договорот од Пржино се согласиле да испратат писмо до Уставниот суд и до Советот на јавни обвинители со барање веќе во понеделник да ги избере останатите седум обвинители за комплетирање на тимот што го побара специјалната обвинителка Катица Јанева.

– Вчера имавме продолжени разговори пред се, за прашањата околу специјалниот обвинител и целата ситуација и предизвиците со Уставниот суд. Имаше договор вчера да испратиме писмо до двете институции со барање да се справат со овие ситуации што побрзо. Денеска ќе дискутираме за изборниот законик и се надевам дека ќе го финализираме што побрзо. Многу сме блиску да ги финализираме последните детали за да може да биде предаден на Парламентот до понеделник за да го одобри- рече Ванхауте.

Од Уставниот суд, воедно, се бара што побрзо да се произнесе дали законот за специјалното обвинителство е уставен, откако до него беше поднесено барање за утврдување на неговата уставност.

Иницијативата за писменото барање од сите четири политички партии вчера вечер ја започна ВМРО – ДПМНЕ.

-Со цел да се извади на чистина СДСМ и по којзнае кој пат СДСМ да си го погазат јавно дадениот збор, ВМРО-ДПМНЕ предлага четирите политички партии да потпишат писмо со кое што ќе се апелира до Советот на јавни обвинители во најкус можен рок да закаже седница на која ќе се расправа за и ќе се поддржи предлогот на Специјалниот јавен обвинител за избор на јавни обвинители и да се обезбедат сите неопходни услови за специјалното обвинителство што е можно поскоро да функционира согласно дадените надлежности- стои во вчерашното соопштение.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top