Навивачите на Баерн Минхен денеска најавија дека ќе ги бојкотираат првите пет минути од натпреварот против Арсенал во Лигата на шампиони заради претерано високите цени на влезниците ширум Европа.
Групата на навивачите на Баерн „ФК Баерн Ворлдвајд” на својот Фејсбук профил објави дека најевтината влезница за натпреварот против Арсенал во Лондон чини 64 фунти, а со дополнителните трошоци истата достигнува и од 70 фунти.
– Посетата на стадионите за младите навивачи и социјално загрозените е невозможна, а со тоа се уништува навивачката култура која е основа на фудбалот, велат навивачите.
– Во првите пет минути од натпреварот во Лондон ќе покажеме како ќе изгледа иднината на фудбалот доколку овој тренд продолжи. Празни столчиња на трибините, без песни, без емоции, а во наредните 85 минути ќе докажеме која алтернатива е подобра за фудбалот, пишува во соопштението.
Најевтините влезници за натпреварите на Баерн во Минхен чинат 22 фунти (околу 30 евра), но навивачите мора да плаќаат скапи влезници за натпреварите во европските натпреварувања.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


