| четврток, 6 декември 2018 |

Дачиќ: Србија е во жив песок, и при најмалото движење паѓа уште подлабоко

Во интервју за францускиот весник Ле Монд премиерот на Србија зборувал за условите што во преговорите меѓу Белград и Приштина ги понудила меѓународната заедница.

Српскиот премиер, Ивица Дачиќ, рекол дека предлозите на Косово во Брисел биле понижувачки, неприфатливи и неприменливи, додека меѓународната заедница се откажала од поранешната понуда за голема автономија на северот на покраината и сега не нуди никаква автономија.

„Ситуацијата е речиси комична. Ништо не ни нудат. Како да се прифати тоа? Треба да донесат вагон за во него да потпишеме капитулација. Меѓународната заедница претходно зборуваше дека нема да има поделба на Косово, дека максимумот за Србите е голема автономија на северниот дел. Сега не се нуди никаква автономија. Секој француски град има поголеми овластувања од таа српска заедница на Косово“, рекол Дачиќ во интервју за францускиот весник Ле Монд.

Дачиќ рекол дека предлогот од Брисел предвидува формирање протоколарна заедница на Србите, без извршни овластувања, која може да издава публикации и да одржува тркалезни маси, но која нема надлежност во областа на образованието, здравството и културата.

„А да не зборуваме за судството и полицијата“, рекол Дачиќ и додал дека српската заедница не би можела да основа ни училишта, универзитети и здравствени установи, поради што се поставува прашање што е тоа што би го добиле Србите.

„Приштина вети дека ќе имаме повеќе отколку што нудеше планот на Ахтисари. Но во споредба со нивниот предлог овој план е божји дар. Србија е соочена со тежок проблем. Ние не можеме да го прифатиме овој предлог, а не можеме ни да го одбиеме, бидејќи е директно поврзан со нашата европска интеграција. Ние сме во жив песок, и при најмалото движење паѓаме уште подлабоко. Немаме рака од страна за која би се фатиле. Немаме поддршка како Тачи, кој не само што ги има САД, туку ја има и Европската Унија. Ние сме сосема сами“, навел Дачиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top