Шаховската елита пристигнува во Македонија, а Скопје ќе биде домаќин на врвно натпреварување, Европскиот клупски куп, пандан на Лигата на шампионите во колективните спортови. Во хотелот „Александар Палас“ ќе го организираме 31. Куп во машка конкуренција и 20. во женска конкуренција. Македонија ќе ја претставуваат три екипи, ШК Алкалоид и Гамбит Асеко СЕЕ кај мажите и истиот тим во женска конкуренција.
„Македонија, градот Скопје и општината Карпош уште еднаш ќе бидат домаќини на натпреварување од највисок ранг. Со организацијата на ваква квалитетна и масовна шаховска манифестација, Македонија ја продолжува традицијата на организација на најголемите светски собири во древната игра. Досега бевме организиратори на Шаховска олимпијада во Скопје во 1972 година, Балканијада во Скопје во 1984, Европско поединечно првенство во Охрид во 2001, како и Европскиот клупски куп во Охрид пред 6 години“, истакна директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески.
Свеченото отворање е в сабота од 17 часот во хотелот „Александар палас“. На турнирот кај мажите ќе играат единаесет од 15 најдоброрангирани шахисти на светот предводени од вториот и третиот на ФИДЕ ранг-листата, Накамура и Топалов.
Во Скопје ќе играат и пет поранешни светски прваци, Русинот Владимир Крамник, Бугаринот Веселин Топалов, Русинката Александра Костењук, Бугарката Антоанета Стефанова и Украинката Ана Ушенина. Македонија има силни адути за медал во двете конкуренции. ШК Алкалоид е петторангирана екипа пред стартот на турнирот, а женскиот состав на Гамбит Асеко СЕЕ е трета според рејтингот. Машкиот состав на Гамбит е 20. според рангирањето на екипите.
Титулите ги бранат СОКАР од Азербејџан кај посилниот пол и Батуми од Грузија кај дамите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.