| четврток, 6 декември 2018 |

Два чартер лета со гласачи се очекуваат денес на охридскиот аеродром

Два чартер лета се најавени да слетаат на аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид, денеска во текот на претпладневните часови, јавува „Инпрес“.

– Авионите носат гласачи од дијаспората кои доаѓаат да гласаат на вториот круг од локалните избори. На аеродромот во Охрид за вчера беа закажани слетување на три чартер лета, два од Италија и еден од Швајцарија, информираат за Инпрес од охридскиот аеродром.

Вонредни чартер линии од европските дестинации има и на аеродромот во Скопје.

Македонците од Струга кои живеат во Швајцарија преку социјалните мрежи се организираа да дојдат во родниот град за да можат да го дадат својот глас на вториот круг од локалните избори. Македонската заедница во Швајцарија за сите заинтересирани организираше бесплатен превоз од Женева, Швајцарија до Република Македонија.

Инаку, десетина чартер летови пред првиот изборен круг пристигнаа на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, претежно со Албанци од струшко и кичевско. На охридскиот аеродром патниците ги чекаа автобуси, со кои се упатија до крајните дестинации во кичевско и струшко. Станува збор за државјани на Република Македонија со привремен престој во странство, кои специјално дојдоа за да гласаат на првиот круг од локалните избори.

На само еден ден пред првиот круг се случи и дојава за бомба на аеродромите во Охрид и Скопје.

„Бомба аеродром Скопје, бомба аеродром Охрид, алерт, алерт“. Со овие зборови, саботата на 23-ти март околу 14:10 часот на службите на аеродромот „Александар Велики“ им било соопштено за бомбите од страна на машко лице кое се јавило од непознат странски број, по што веднаш ја прекинало врската.

Од скопскиот аеродром веднаш ја известија единицата за антитероризам при Министерството за внатрешни работи.

Полициските екипи излегле на терен и ги пребаруваа аеродромите, по што од ТАВ Македонија информираа дека се работи за лажна дојава.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top