Штипската Клиничка болница доби нов современ мамограф, а е еден од шесте центри во земјава кои добија ваков апарат за прегледи на дојката, набавени од Министерството за здравство.
Началникот на Одделението за рендгенологија при Клиничка болница-Штип, Нада Алексова, вели дека новиот апарат е дигитален, а пациентите кои подолго чекаат на прегледи на дојките на овој апарат ќе бидат дополнително известени кога ќе се стави во функција.
– Новиот современ апарат го добивме и сега правиме адаптација на просторија на одделението, каде што ќе се вршат прегледите на пациентите – изјави Алексова.
Директорката на Клиничка болница-Штип, Елизабета Папарова, вели дека за една недела ќе заврши адаптацијата на просторијата во рамки на одделот за рендген дијагностика, каде што во една зграда се сместени компјутерскиот томограф, магнетната резонанција и останатите апарати на ова одделение.
– Како Клиничка болница испративме и двајца лекари-специјалисти на обука, кои ќе се обучат да работат на овој современ дигитален апарат. Адаптацијата на просторијата оди брзо и верувам дека за една недела веќе ќе почнат и прегледите на пациентите од Штип и останатите градови во регионот – рече Папарова.
Од наредната недела пациентите од Штип, Пробиштип и останатите помали рурални општини ќе можат прегледите да ги вршат на новиот апарат во штипската Клиничка болница.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.