| четврток, 6 декември 2018 |

Милениумскиот крст на Водно ќе добие ресторан, лифт и чиста вода

Откако беа изградени 66-метарскиот Милениумски крст и жичницата на Водно, јавното сообраќајно претпријатие што стопанисува со целиот тој простор интензивно работи на изградбата на лифтот на крстот и на создавање услови за идниот ресторан, кој на посетителите треба да им понуди пријатен престој на Крстовар. Целиот тој потег ќе стане елитен простор што на граѓаните, освен што ќе им нуди место за релаксација, ќе им даде и чиста вода за пиење. Тоа е нешто што одамна се очекува и беше во најава.

Со изградбата на жичницата во рамките на целиот проект ЈСП-Скопје го доби на стопанисување и објектот Милениумски крст. Од причина што тој со години претставува спомен-обележје на главниот град, а за овој објект да го добие својот сјај, ЈСП со сопствени средства и со средства од страна на градските власти, одлучи летото 2014 да почне со преадаптација и со реконструкција.

– Со овој зафат се опфатени повеќе активности. Антикорозивна заштита, илуминација, инсталирање нов лифт и надворешни скали, одвод и довод на пивка вода, резервоар за пивка вода, пречистителна станица/бунар и надворешна инфраструктура – информираат од претпријатието за Нова Македонија.

На длабочина од 200 метри на самиот врв на Водно е ископан бунар, кој за потребите на посетителите, но и за ресторанот што ќе се гради, ќе биде од големо значење.

– Фирмата што почна да го копа бунарот не успеа со првиот ископ да најде вода, затоа што наиде на тврда карпа. Од тие причини почна да копа втор, каде што на длабочина од 200 метри беше пронајдена вода – вели за „Нова Македонија“ Игор Јанушев, директор на ЈСП-Скопје.

Успешно пронајдената вода за пиење на Водно и градењето на пречистителната станица не се единствениот новитет што за неколку месеци дополнително ќе го краси обележјето на главниот град. Во моментов се работи и на инсталирање лифт на самиот крст, кој на посетителите ќе им понуди уште поубава глетка на метрополата.

mileniumski krst

– Лифтот ќе оди до самиот врв на Милениумскиот крст. Тој ќе им понуди на посетителите нешто што досега го немало на Водно. Панорамски поглед на градот, без ниедна пречка од дрвја и гранки – информираат од претпријатието.

Трета и последна новина што наскоро ќе го краси Водно е изградбата на ресторан. Од ЈСП информираат дека ресторанот е завршен и се чека градежните активности да завршат за да почне со работа за сите посетители што ќе сакаат цел ден да се забавуваат на врвот на скопскиот бисер.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top