| четврток, 6 декември 2018 |

Засилени полициски контроли во сообраќајот, најчесто се казнува за брзо возење (ВИДЕО)

Поради зголемениот број на сообраќајни несреќи со потешки последици, СВР Скопје спроведува засилени полициски контроли во сообраќајот за подигнување на безбедноста на граѓаните, како и предупредување на возачите за новите сообраќајни правила, кои стапија на сила минатата недела.

полиција

Возачите најчесто се казнуваат за брзо возење. Чести се и прекршоците како поминување на црвено на семафорот, возење под дејство на алкохол, некористење безбедносен појас и разговарање на мобилен телефон, вели за „Република“ инспекторот за превенција на безбедност во сообраќајот, Драган Велјаноски.

Според него, сè уште е рано да се каже дали граѓаните ги почитуваат новите законски обврски.

– Потребно е да помине извесен временски период за да видиме дали возачите и другите учесници во сообраќајот ги почитуваат новите сообраќајни правила – вели Велјаноски.

Новите законски измени треба да ја зголемат безбедноста во сообраќајот, а да ги намалат жртвите.

За таа цел, намалувањето на брзината од 60 на 50 км на час во населено место, како една од позначајните одредби, значително ќе придонесе за поголема безбедност на учесниците во сообраќајот, посебно за пешаците и велосипедистите како најранливи категории, смета инспекторот Велјаноски.

Подготви:Јана Јосифоска
Видео: Дејан Станчевски
Монтажа: Илија Јовановски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top