Осумнаесет работници на РЕК „Осломеј“ се повредени од кои деветмина тешко во сообраќајна несреќа што изутринава се случи кај кичевското село Мамудовци, на регионалниот пат што од Кичево води кон Осломеј.
Портпаролот на СВР – Охрид, Стефан Димовски, појасни дека од деветмината тешко повредени, шест се итно префрлени во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ кај Охрид, додека тројца во Ургентниот центар во Клиничката болница во Скопје.
Инаку, во несреќата учествувале три возила, од кои две комбиња за превоз на патници и едно товарно возило. До несреќата дошло кога при обид комбето марка „мерцедес“ да го престигне комбето „волксваген“, се судрило со товарното возило марка „форд“. Притоа „волксвагенот“ излетал од коловозот, додека „мерцедесот“ удрил во бетонски столб. И двете комбиња се движеле во насока од Кичево кон Осломеј, превезувајќи работници во Рударскоенергетскиот комбинат.
На местото на несреќата е извршен увид на јавен обвинител, додека сообраќајот на регионалниот пат за време на истрагата се одвивал по една коловозна лента, со наизменично пропуштање возила.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.