| четврток, 6 декември 2018 |

Грчки медиуми: Македонија можеби ќе биде поканета да стане членка на НАТО

атина

Во Грција не стивнуваат реакциите на случувањата во Њујорк за време на Генералното собрание на ОН, особено откако грчките државници одбија на учествуваат на конференција на која Македонија присуствуваше под уставното име.

Повикувајќи се на свои „дипломатски извори“ или други „високи претставници“, грчките весници развиваат сопствени теории за тоа зошто и како Американците „ја предизвикуваат“ Грција, особено после „пријателскиот кус разговор“ меѓу Ципрас и Обама, кој се одржа дента пред „спорната конференција“.

Вообичаено, како и пред секој самит на НАТО, грчките медиуми ги зачестуваат написите дека Македонија можеби ќе биде поканета да стане членка, иако засега никој од Алијансата официјално не најавил такво нешто. Тоа е стара позната тактика на Атина, да прикаже под „колку голем притисок се наоѓа“, со цел после да го оправда ветото кое би го ставила поради проблемот што го има со уставното име на Македонија. Иако, според Времената спогодба Грција се обврза да не ги попречува евроатлантските интегрции на нашата земја под привременото име, а тоа го потврди и пресудата на Меѓународниот суд во Хаг, официјална Атина ги игнорира одредбите и инсистира на политиката „прво решавање на името, потоа членство во ЕУ и НАТО“.

Една од теориите во грчките медиуми е дека во Америка се здружени „неколку антигрчки лобија, меѓу кои и турското и македонското“, кои довеле до „тврдата политика на Викторија Нуланд“. Ретко кој потсетува дека САД го признаа уставното име на Република Македонија уште пред 11 години. Според оваа теорија, тоа што Обама ја поканил нашата земја под уставното име на конференцијата во Њујорк, е „доказ дека во блиска иднина ќе има поголема мобилност околу прашањето за името, и тоа по иницијатива на Американците“. Во овој контекст, весникот „Елефтерија“ го повикува грчкото политичко раководство „да биде будно, со цел да се избегнат грешките од минатото кои можат скапо да ја чинат Атина“.

Информативниот портал „Вориа“ оди уште подалеку тврдејќи дека „Грција ќе го признае Косово и ќе прифати интеграција на Скопје во НАТО, во замена за наводна помош на САД во преговорите на Атина со кредиторите“. Како доказ за ова тврдење порталот наведува некои наслови од српските медиуми дека „Ципрас ја предаде Србија“, и се разбира, учеството на Македонија под уставно име на конференцијата во Њујорк, организирана од страна на Барак Обама. „Вориа“ наведува дека грчкиот министер за надворешни рабпти Никос Коѕиас имал „неразумен“ разговор со Џон Кери во Њујорк, а изјавите на балканските политичари „покажуваат дека грчката Влада сака да обезбеди поддршка од САД во замена за признавање на Косово, и да прифати интеграција на Македонија во НАТО, и тоа можеби не на пленарна седница во 2016 година, туку тоа да се случи на една од редовните седници на Алијансата“.

Весникот „Етнос“ вчера исто така пишуваше дека „Американците и Еропејците сакаат да се реши проблемот со името во наредните неколку месеци, за да може на следниот самит на НАТО во Варшава во јули догодина, Македонија да биде примена во  Алијансата“.

Весникот наведува дека покрај мерките за градење доверба, грчката Влада подготвила „храбри иницијативи“ за проблемот со името, кои се очекува да бидат усвоени во рамките на план кој Коѕиас го разработил уште во јуни, но не бил реализиран поради парламентарните избори во Грција. Познавачите на состојбите коментираат дека овој текст е само обид да се покаже „конструктивноста на грчката дипломатија“ и евентуален доказ дека Атина интензивно работи со цел изнаоѓање решение, „по дипломатскиот инцидент во Њујорк“ кој само „ја потврди политиката на Вашингтон во однос на името, во која, како што се потсетува, најголемо влијание има помошникот државен секретар, Викторија Нуланд“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top