| четврток, 6 декември 2018 |

Скопјанка во Анкара сведок на страотната експлозија

Новинарката Наташа Доковска бо моментот на експлозиите се наоѓала во минибус на само стотина метри од инцидентот и само среќа било што заедно со останатите патници успеале да извлечат жива глава

Две силни експлозии, врисок на деца, исплашени погледи случајните минувачи, неверојатно густиот чад кој се издигаше од правецот кон железничката станица во Улус, Анкара укажуваше дека нешто се случува но, во првите неколку минути никој не знаеше да каже што е тоа. Иако се наоѓавме на стотина метри од инцидентот, немавме никаква информација. Повеќе од 10 часа бевме евакуирани, а некаде по 20 часот, откако се смири ситуацијата, ако воопшто може така да се каже, бевме пуштени да одиме во хотелите во кои сме сместени.

Вака, новинарката Наташа Доковска, ексклузивно за ВЕЧЕР ја опишува стравотната атмосферата во турскиот гавен град, вчера по двете експлозии во кои настрадаа безмалку сто лица. Во моментот на експлозиите таа се наоѓала во минибус на само стотина метри од инцидентот и само среќа било што заедно со останатите патници успеале да извлечат жива глава.

– Возачот кој не превезуваше со минибусот доби инструкции од службата за безбедност да се упати кон резиденцијалниот дел на Анкара, Чанкаја. Бевме евакуирани во Одделот за медиуми на премиерот на Турција од каде што бевме пуштени да излеземе по 10 часа, појаснува Доковска која во Анкара е ангажирана во прес центарот на Обединетите нации за подготовка на конференцијата на UNCCD, што треба да се отвори утре во Конгресниот центар во Анкара.

Таа потврдува дека целиот сообраќај бил блокиран повеќе од осум часа, авионскиот превоз исто така, а вечерта сите продавници и ресторани затвориле многу порано од вообичаено.

-Низ градот ја нема живоста која е карактеристична за Анкара, посебно за нејзините квартови кои се познати по забавниот живот. Во квартот Кизлај, кој е познат по многуте ресторани и ноќен живот, синоќа немаше луѓе, продавниците ги спуштија ролетните, а јавниот превоз е редуциран. Што се однесува до информирањето, додава Доковска, во првите неколку часа имало целосна блокада и сите информации доаѓале од социјалните мрежи, на кои се објавувале и експлицитни слики на загинатите, по што објавувањето на такви слики било забрането.

– Моите колеги кои доагаат речиси од сите страни на светот се исплашени и дел од нив сакаат да се вратат, додека оние кои ги познаваат политичките сличувања во Турција воопшто не се изненадени од терористичкиот напад, иако никој не може да поверува дека за само неколку секунди згаснаа стотина млади животи и двеста ќе останат да живеат со лузните од овој немил настан – изјави Доковска за весникот „Вечер“.

Вчера беше прогласена тридневна жалост за жртвите во нападот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top