| четврток, 6 декември 2018 |

Љубиша Георгиевски: Здружението на кодоши намириса крв, идејата беше да се закрвиме

Не сум аналитичар, туку човек што мисли политички, како и секој човек. Ако не мислите политички, нема како да мислите, вели во интервју за новиот број на „Република“ режисерот и драмски писател, но и политичар и дипломат, Љубиша Георгиевски

Македонија во моментов е во очекување на резултатот на, како што рековте, „хистеријата на еден кодошки менталитет“. Тоа го посочивте во февруари, кога додадовте и дека изборите, како столб на демократијата, биле испоганети, а и дека опозицијата е во обид да се испогани и третиот столб на демократијата, а тоа е судството. Во тој контекст, како го толкувате Договорот од Пржино?

Георгиевски: Првиот услов за да ја согледате политичката ситуација во рамки на тоа што се случува сега, во рамки на најактуелното, во тоа што боли, е да го гледате феноменот на домашната политика како само еден дел, а кога се работи за Македонија, како едно ситно делче од глобалните настани. А светот е во голема транзиција. Човештвото е преплашено од сопствениот заклучок дека решило да се самоубие. А тоа е лудило, самоуништувањето. Сите сме преплашени од тоа, но немоќни сме да сториме нешто. Од сета таа преплашеност и од решеноста да се самоуништиме, произлегува таа хистерија, сè што набројавте.

Во светот се случува декомпозиција, државите се декомпонираат, националните суверенитети се деформулираат, многу од најсилните држави се откажуваат од суверенитетот. Што е Европската унија, што е НАТО? Тоа се држави што се откажале од својот суверенитет, од својата слобода на дејствување, за да се здружат. Во таа насока, тие што сакаат светот да се декомпонира, да замре националната држава, а тоа е корпоративизмот, наоѓаат модуси однатре за државите да се декомпонираат. Односно, институциите да се лишат од легитимност.

Кај нас, да дојдеме до кодошите, има одлична почва за тоа. Кај нас има криза на кодошите. Кодоши има, ама нема работа за нив. Страшно е тоа кога кодошот нема господар, тој не го чувствува својот идентитет. И сега ги гледаме, излегоа на демонстрации, ја накодошија барем половина држава, гласот даден за актуелното раководство на државата. Тоа е една ужасна хистерија. Во еден момент викаа: „Убијци, убијци“. И тоа мене ми зазвучи како кога ловџиските кучиња ќе намирисаат крв, кога ќе го донесат дивечот пред пушка, а лавежот се претвора во страшен пискот. Намирисале крв. Така, тоа здружение на кодоши намириса крв. Идејата беше да се закрвиме.

Во март предупредивте дека целта на нашите непријатели е да се замразиме.  Се успеа ли во тоа?

Георгиевски: Нашиот народ е чуден народ, предолго бил во ропство за да е наивен. Може да се закрви меѓу себе, но тешко. Не врви, не сме тој менталитет. Сме немале граѓанска војна. Сме немале класна војна. Немаме традиција за тоа. Ние сме немале геноцидност, барем во оваа Вардарска Македонија. Сега, многу односи се заладија, но тоа помина. Класичен метод е раздели, па владеј, но кај нас тоа не успеа, да успееше ќе беше катастрофа, досега немаше да постоиме. Немаше доволно критичка маса за тоа. Да се раскараме, за тоа сме цареви. Но, никогаш не дошло до закрвување и до интраетничка војна.

Целото интервју со Љубиша Георгиевски е објавено во новиот број на неделникот Република

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top