Шоуменот Игор Џамбазов, човекот што го познава секое ќоше во нашата Македонија, преку профилот на „Фејсбук“ на неговата мачка Емилија Џамбазова Бавчанска препорачува места што, веројатно, никогаш не би ви текнало да ги посетите. Како што вели, се работи за места со душа – прекрасни, скромни местенца каде што главни се само хомосапиенсите…тие го прават местото…
Овојпат Џамбазов и Емилија ве праќаат Фук-так во Дојран.
-Ова место е културно-историски споменик на Стар Дојран. Го изградил дедо Туше, во далечната 1884 година, како прв објект од таков вид околу Дојранското езеро. Легендата вели дека дедо Туше името Фук-так, на ова место со душа, му го дал според звуците на локомотивата од возот на линијата Цариград-Солун, по кој дедо Туше заедно со своите врсници трчал кога возот поминувал низ Гевгелиската железничка станица, а кој тогаш му звучел како: фук-так, фук-так, фук-так. Истиот воз со кој дедо Туше години подоцна ќе замине во белиот свет. Газдата мој, пред 5 години напиша неколку реченици, со кои дедо Туше им се обраќа на сите гости што влегуваат во Фук-так…И ден денес, овој текст стои во менито на ресторанот…
„Ти, што во моментов го читаш ова, знај дека седиш во домаќинска куќа. Во гостилница направена со труд, крв, пот, солзи, песни…и многу љубов. Вратите ти се секогаш ширум отворени. Ако се уште се мислиш што да нарачаш, еве ти предлог. Во мое време тоа одеше вака: ракија, салата, чорба, икра, риба…па вино.
И додека ја чекаш нарачката, само да знаеш…местото на кое седиш е истото она на кое седел нашиот Гоце Делчев, другарот Тито, Ѓорѓи Абаџиев, Антон Панов, Блаже Конески, Никола Бадев, Петре Прличко, Илија Џаџев, Симеон Гугуловски, Петранка Костадинова, Васка Илиева, Мите Грозданов, Ристо Шишков, Гане Тодоровски, Анте Попоски, Љубен Ташкоски…цела плејада министри, амбасадори, претседатели, лекари, академици, професори…кои живееле, живеат, или барем еднаш ја посетиле Македонија.
Тука се напишани многу од песните што сте ги пееле, книгите што сте ги прочитале, или големите мисли кои некаде сте ги слушнале.
Тука се прославени многу свадби, неколку разводи, родендени, имендени, крштевки, слави и матури.
Тука се отворале фестивали и се затворале семинари.
Тука се родиле многу љубови.
Тука живее едно цело семејство познати актери, занесени гости, пензионирани политичари, музичари и музиканти, локални боеми, залутани туристи и патници-намерници…и сите вљубени во звуците од моето детство: фук-так, фук-так, фук-так…
Опушти се и уживај…
Поздрав…дедо Туше…“ – „напиша“ Емилија Џамбазова Бавчанска.
Доколку патот ве води на друг крај, или веќе сте биле на ова место, тогаш послушајте друг совет од Џамбазов, на пример поминете кај Тони Мишинката во Василево или кај газда Аце во Слепче. Добар избор би било и гевгелиското локалче Кај Кико и Иван или Радост на Широк сокак, а зошто не и Рибник Таушанови во Радовиш.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.