| четврток, 6 декември 2018 |

Раул: Воопшто нема да биде лесно, треба да се заборави минатата сезона

vardar-seged-22

Македонскиот шампион РК Вардар викендов го игра првото вистинско дерби во Лигата на шампионите во рамките од четвртото коло во СЦ „Јане Сандански“ против најдобрата германска екипа, Рајн-Некер Левен.
Минатата сезона Вардар двапати успеа да го победи Рајн-Некар, но сега работите се поинакви, а тоа го покажува и извноредната форма на саботниот противник. Рајн-Некар има девет победи од девет натпревари во Бундеслигата, а синоќа во дербито го победија и Кил.
Тренерот на „црвено-црните“ Раул Гонзалес посакува да се продолжи со победите по стопроцентниот учинок до сега, но предупредува дека ќе биде многу тешко на теренот бидејќи противникот е многу силен.

– Досега ни оди добро во Лигата на шампионите. Имаме три победи и сме први во групата. Сите посакуваме да продолжи низата, но секако тоа ќе биде тешко бидејќи во Скопје ни доаѓа сериозен тим. Иако ги победивме минатата година двапати, сега нема да биде исто. Тие се квалитетна екипа и играат извонреден ракомет. Многу се цвсти во одбраната и лесно развиваат контри и брзо реализираат. Вчера играше многу добро против Кил и победи, јас мислам и дека ќе биде шампион. Ќе биде тешко и затоа ќе ни биде потребна помош од публиката и од Комити. Мора да се фокусираме на саботниот натпревар, не можеме да размислуваме ни за Кил ни за ланските победи против Рајн-Некар. Сега ќе биде потешко. Треба да заборавиме сѐ, лани е лани и оваа сезона е различна – изјави Раул на прес-конференцијата.

vardar-seged-20

Сергеј Горбок кој четири години ги бранеше боите на Рајн-Некар пред да премине во редовите на Вардар добро ги познава своите поранешни соиграчи.

– И ние и Рајн-Некар сме силни екипи. Ќе биде тежок натпревар за двете екипи. Ние сигурно ќе одиме на победа, но ќе ни биде потребна помош од публиката. Мора да играме ракомет без грешки, затоа што лесно ќе ги искористат со контранапад. Тие играат брзо и можеби ние ќе можеме да искористиме некоја нивна грешка во контранапад“, вели Сергеј Горбок.
Овој меч е прогласен за дерби на колото од страна на ЕХФ и сите очи ќе бидат вперени во СЦ „Јане Сандански“.
Натпреварот се игра в сабота од 17.30 часот. Двете екипи се на врвот на табелата во групата Б со шест и пет бода.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top